Европската надворешна политика секогаш ќе биде ограничена и Европа мора да прифати дека не може да го реши секој проблем во светот, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на годишната средба на амбасадорите на Европската Унија во Брисел.

Таа оцени дека Европа повеќе не може да биде чувар на стариот светски поредок.

– Тој свет нема да се врати. Секогаш сме го бранеле системот на правила создаден со нашите сојузници, но тоа повеќе не е единствениот начин за заштита на нашите интереси –  рече Фон дер Лајен.

Претседателката на Европската комисија повторно го отвори прашањето дали европскиот систем на одлучување, кој се темели на едногласност и компромиси, му помага или му пречи на ЕУ да биде геополитички актер.

Таа повика Унијата да биде поодлучна во спротивставувањето на агресијата и обидите за надворешно мешање, како и да биде попрагматична во економската соработка со светот.

– Во срцето на Европската Унија е мирот. Но, за да обезбеди мир во денешниот свет, Европа мора да може да демонстрира сила, да одвраќа и да реагира – истакна Фон дер Лајен.

Таа додаде дека на ЕУ ѝ се потребни средства за заштита на територијата, демократијата и начинот на живот, а безбедноста мора да биде земена предвид во сите европски политики.

Осврнувајќи се на најновите настани на Блискиот Исток, Фон дер Лајен оцени дека тие може да имаат долгорочни последици врз меѓународниот поредок заснован на правила и врз единството на Европската Унија.

Таа посочи дека смртта на иранскиот лидер Али Хамнеи кај многумина била пречекана со надеж дека тоа може да отвори пат кон послободен Иран.

– Не треба да се пролеваат солзи за иранскиот режим. Тој донесе смрт и репресија врз сопствениот народ, ја дестабилизираше регијата и уби илјадници млади луѓе – рече таа.

Според Фон дер Лајен, постојат различни мислења за тоа дали нападите врз Иран претставуваат „војна по избор“ или „војна од неопходност“.

Таа исто така најави дека Европската Унија ќе го обезбеди ветениот заем од 90 милијарди евра за Украина.

– Војната мора да заврши на начин што нема да ги посее семињата на нов конфликт. Сакаме ова крвопролевање да престане. Европа секогаш ќе биде покрај Украина, без оглед на тоа што се случува во други делови од светот –  нагласи Фон дер Лајен.

фото: архива