Се соочуваме со многу предизвици, но сакаме и можеме да ги претвориме во можности и тоа ќе да го направиме со градење силни и трајни партнерства, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на обраќањето на Меѓународната конференција за развој и миграција во Рим.
– Се соочуваме во многу специфични времиња. Се соочуваме со драматичната реалност на климатските промени. Треба да се преориентираме на чиста енергија и нови земјоделски техники. Треба да ја обучиме нашата работна сила за утрешните работни места. Се разбира, климатските промени се предизвик, но носат и огромни можности. Во исто време, мораме да ја спречиме експлоатацијата на луѓето од страна криминалните мрежи. Мораме да спречиме трагична загуба на животи во Средоземното Море, порача синоќа Фон дер Лајен на Конференцијата организирана од италијанското Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка.
Таа нагласи дека ваквите состојби бараат развивање нови стратешки и сеопфатни партнерства за економски и човечки развој, за трговија, инвестиции и управување со миграцијата, засновани на солидарност, суверенитет и споделена одговорност.
– Производството на чиста електрична енергија во Европската Унија во најдобар случај чини 10 центи за киловат час. Во Тунис може да чини дури два центи. Тунис ги има неопходните природни ресурси на ветер и сонце во изобилство. Тоа би имало огромна конкурентска предност. Ова е класична вин-вин ситуација: Европа има интерес да инвестира во Тунис, а Тунис има интерес да развие капацитети за домашна потрошувачка и извоз, порача претседетлката на ЕК.
Според неа, како што јави спедијалниот известувач на МИА од Брисел, ЕУ сака да гради партнерства и со другите земји, да најде решенија во согласност со локалната реалност и да соработува со бизнисот, финансиските институции и со јавните и приватните инвеститори.
– Ова ме води до втората нова можност за соработка. Станува збор за луѓето и нивната перспектива. Станува збор за обука на работната сила што им е потребна на новите и економиите во развој. Ова има за цел токму развој на нови вештини и создавање нови можности за работа и обука, особено за младите луѓе. Овие млади луѓе сакаат да ги живеат своите соништа, додаде Фон дер Лајен.
Според неа, за таа цел потребно е да се зајакне и борбата против илегалниот транспорт на мигранти, да се разбие суровиот и незаконски бизнис на шверцерите на луѓе и да се подигне свеста на луѓето за лагите што тие ги шират.
– Заедно можеме да соработуваме за пребарување и спасување и зајакнување на граничното управување. Заедно можеме и треба подобро да управуваме со миграцијата, со гарантирање заштита на оние на кои им е потребна и со пристап заснован на соработка за враќање на оние кои немаат право да останат и поддржувајќи ја нивната реинтеграција дома, додаде Фон дер Лајен.
Во обраќањето на отворањето на Конференцијата, на која се собраа лидерите на околу 20 земји, италијанската премиерка Џорџа Мелони рече дека сака да промовира нов начин на соработка меѓу земјите на имиграција и земјите на емиграција, по примерот на договорот што Европската Унија го потпиша со Тунис со цел да се спречи доаѓањето на мигрантите на стариот континент.
На конференцијата беа утврдени насоки за формирање фонд за финансирање инвестициски проекти и гранична контрола, со цел подобро регулирање на миграциските текови, за која, како што најави Мелони, ќе се собираат средства на донаторска конференција, чиј датум се уште не е утврден, но веќе е најавена поддршка од Обединетите Арапски Емирати со околу 100 милиони евра.
На Конференцијата, покрај Мелони и Фон дер Лајен, присуствуваа и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, лидери на земјите од реонот на Медитеранот, како и претставници на ОН и меѓународните финансиски институции.