Рускиот претседател Владимир Путин направи се за да не клекне на колена но не успеа, изјави денеска пред Европскиот парламент претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Таа истакна дека од почетокот на војната во Украина, испораките на руски гас во ЕУ преку гасоводи се намалени за 80 отсто. Но, денес европските складишта за гас се полнат и до 95 проценти, истакна претседателката на ЕК.
Успеавме да замениме најголем дел од суспендираните количини, двојно го зголемивме увозот на течен гас од САД. Ја намаливме потрошувачката на гас за 15 отсто, информира Фон дер Лајен. На почетокот на војната се плашевме дека ќе немаме доволно гас, но тоа не само што не се случи, туку веќе сме подготвени за зима. Цените на гасот паднаа за две третини од својот врв во август, додаде таа.
Според неа, претстојат тешкотии за обезбедување гас за следната зима, бидејќи можно е Русија целосно да го прекине снабдувањето за ЕУ, а тоа да доведе до недостиг на течен гас. Според неа, опасност создава и очекуваното движење на азиската економија што ќе ја зголеми побарувачката на гас. Сето ова создава закана дека на крајот на следното лето ќе има недостиг од течен гас за ново полнење на складиштата, објасни Фон дер Лајен. Според неа, половина од недостигот што се наѕира може да се надмине со олеснетите услови за работа со обновливите извори на енергија што претходно денеска ги предложи Комисијата.
Време е да се премине на доброволно учество во колективното договарање за европските испораки на гас, нагласи претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Тој ја повика ЕК брзо да претстави предлог закони за контрола на цените на енерг ијата.
Војната и енергетската криза директно ги погодија економијата и граѓаните. Време е за дејствување, одложување повеќе не е можно, заклучи Мишел.