Веќе петти ден базата на податоци на Фондот за здравство е под сајбер напад. Матичните лекари работат регуларно, но за некои работи тие се уште немаат инструкции како да постапат.Пациентите пак збунети одат до Фондот, а потоа се приморани да се вратат назад без да ја завршат работата за која дошле. Од Фондот им велеле дојдете пак.
Не завршив работа. Не малтретираат веќе две недели. Ветуваат дека ќе ги средат работите, но ништо од тоа. Не работел системот. Оваа држава со овие системи е катастрофа, вели еден од граѓаните за Телма.
Матичните лекари потврдуваат дека од кога паднал системот настанал голем хаос.
Во понеделник кога имаше пациенти за продолжување на боледувањето, не бевме информирани дека е хакиран системот и ги упативме во комисијата за продолжување, а оттаму им кажале дека не работи системот и им ставале печати за да дојдат утре повторно, вели Драган Ѓорѓиевски-претседател на ЗЛОМ.
Прегледите, рецептите и упатите одат најнормално, но нерешливи се проблемите за ортопедските помагала и за пациентите кои сега се стекнале со здравствено осигурување. Додека пак за дел од проблемите веќе е најдено решение.
Од Фондот за здравствено осигурување сме известени дека ќе добиеме соопштение во текот на денот за начинот како ќе пријавуваме пациенти, како ќе издаваме потврди за ортопедски помагала и другите услуги, додава Ѓорѓиевски.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека правото на здравствена заштита на граѓаните не е загрозено, но тие не кажаа кога повторно системот ќе биде во функција.