Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска го продолжува учеството на Економскиот форум Делфи во Грција. Настанот се случува неделава кога во Република Македонија има повеќе протести, штрајкови и социјално незадоволство. Социјалниот бунт кој почна неделава која изминува продолжува в понеделник со генерален штрајк на СОНК, а речиси половина од Владата повеќе денови е на форумот во Грција каде „решава светски проблеми“.
На денешниот последниот ден од Форумот, премиерот Ковачевски ќе има свое излагање за актуелните состојби во светски рамки, предизвиците со кои земјите се соочуваат како и мерките кои се преземаат за ублажување на последиците од најголемата глобална криза по Втората светска војна. Разговорот ќе го води новинарот на грчкиот весник „Та Неа“, Михалис Мицос. Во рамки на истиот панел посебни обраќања ќе имаат и премиерите на Црна Гора и на Бугарија, Здравко Кривокапиќ и Кирил Петков.
Предвидена е на маргините на Форумот, Ковачевски да има билатерална средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и да присуствува и на средбата на лидерите на Западен Балкан.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, ќе учествува на панелот „Европа по Украина“ заедно со неговите колеги од Грција, Никос Дендиас, од Словачка, Иван Корчок и од Косово, Доника Гервала-Шварц.
Како што информира МНР, на маргините на Форумот, предвидено е Османи да оствари повеќе билатерални средби со шефови на дипломатии и други истакнати политички личности, меѓу кои и со неговиот грчки колега Дендиас.
Премиерот Ковачевски вчера во рамки на учеството на Економскиот форум Делфи имаше билатерални средби со американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западниот Балкан, Габриел Ескобар, со косовскиот колега Албин Курти, со поранешните премиери на Грција и Велика Британија, Алексис Ципрас и Тони Блер, како и со специјалниот претставник на ЕУ за Западниот Балкан, Мирослав Лајчак. Средба со Лајчак имаше и министерката за одбрана Славјанка Петровска, кој беше дел од владината делегација на Економскиот форум Делфи.
Како дел од владината делегација на Форумот во Делфи учествуваа и вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, кој се обрати на панел дискусијата посветена на стабилноста на Западниот Балкан, министерот за економија Крешник Бектеши, кој учествуваше на панелот „Како кризата во Украина влијае на економиите во регионот“, како и министерот за финансии Фатмир Бесими.
Османи: ЕУ да покаже стратешко лидерство за Западниот Балкан
Надеж дека Европската Унија ќе го препознае моментумот за интеграција на Западниот Балкан, исто како што тоа го стори со источноевропските земји, изрази денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на неговото учество на седмиот Економскиот форум Делфи во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
– Се надевам дека Европската Унија ќе ја разбере важноста на моментумот и ќе преземе стратешко лидерство за Западниот Балкан, како што го стори тоа во 2000 година кога презеде стратешко лидерство за источноевропските земји и мислам дека руската агресија покажа за жал на најтрагичен начин колку беше важна таа одлука на ЕУ за интегрирање на централноевропските и источноевропските земји, рече Османи.
Шефот на дипломатија, заедно со неговите колеги од Словачка и Косово, Иван Корчок и Доника Гервала-Шварц, дискутираа за „Европа после Украина”, односно за импликациите на војната, а со оглед на тоа што министерот Османи на Форумот во Делфи дојде директно по посетата со тројката од ОБСЕ на полско-украинската граница, при што го сподели искуството, детално ја објасни ситуацијата и ја истакна потребата за итна акција.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој објасни дека намерата на посетата била да се испрати порака на поддршка и „Русија да ја запре неоправданата и неиспровцирана војна“.
За ставот на Македонија за руската инвазија во Украина рече дека се приклучивме на санкциите на ЕУ кон Русија и испративме воена и хуманитарна помош, но и ги отворивме границите за украински бегалци.
– Регионот се движи во правилна насока во однос на оваа агресија, истакна шефот на дипломатијата.
Дополнително, тој посочи дека во регионот постои „тројка од земји кандидати за членки на ЕУ“ кои се целосно подготвени за почеток на пристапни преговори.
Како што информира МНР, на маргините на Форумот, предвидено е Османи денеска да оствари повеќе билатерални средби со шефови на дипломатии и други истакнати политички личности, меѓу кои и со неговиот грчки колега Никос Дендиас.