Заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и со министерот за образование Арбер Адеми, на покана на Владата на Швајцарија, престојуваме во работна посета во Берн, со цел да се запознаеме со швајцарските искуства за стручно образование и обука, објави денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев.

– Швајцарскиот модел за учење преку работа е многу успешен и се имплементира речиси две децении. За нас ќе биде од голема корист да ги согледаме сите аспекти како тој се применува. Осознавме дека овој процес е личен избор на секој од учениците и дека постои голем интерес кај самите ученици. Нашите планови се системот за образование да го развиеме за потребите на стопанството, да им дадеме квалитетно стручно образование на младите луѓе со што ќе обезбедат квалитетни работни места. Разбираме дека ќе биде потребно време, но овој процес мора да отпочне бидејќи нема развој на економијата без соодветен развој на човечкиот капитал, објави Анѓушев на својот профил на Фејсбук.