Денеска бев во прва посета на Министерството за одбрана и на Генералштабот на Армијата, соопшти претседателот Стево Пендаровски за посетата на АРМ и веројатно првиот црвен тепих по кој гази откако стана претседател на државата.

На фотографијата се гледа како Пендаровски поздравува пред почесниот строј на Армијата, за која во објавата не пишува дека е АРМ. Исто така се гледа и тоа дека на тепихот нема место за штиклите на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, кој го придружува во поздравувањето на почесната единица на АРМ.

– Како Претседател, тесно ќе соработувам со Министерството за одбрана и на Генералштабот на Армијата. Секогаш ќе сакам да го слушнам мислењето на двете институции за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат и ќе се вклучам во изнаоѓањето на најдобрите решенија што заедно ќе не водат напред. РС Македонија направи историски чекори кои ни ја донесоа поканата за членство во НАТО. Со тоа се остварува една од нашите врвни стратешки цели. Како држава треба да сме подготвени за оваа голема чест и голема одговорност во исто време. Како Претседател ќе инсистирам на врвна подготвеност и професионалност на институциите во оваа област. Ме радува фактот што во последната година буџетот на ресорот Одбрана почна да расте и јас ја охрабрувам Владата да продолжи со овој тренд, со уште посилно темпо. Како одговорна НАТО членка ние ќе мораме да дојдеме до стандардот на издвојување од 2 % за одбраната од БДП до 2024 година. Да продолжиме да градиме професионална, технички современа НАТО армија што ќе биде подготвена не само да ја брани територијата на С. Македонија, туку и ќе продолжи активно да придонесува за заштитата и за изградбата на слободни и демократски општества и надвор од нашата земја. Ги охрабрувам припадниците на Армијата, офицерите, подофицерите и војниците, да работат на свое усовршување, а обврска на лидерствата на двете институции е тоа да им го овозможат. Очекувам од сите релевантни политички фактори, сите институции на власта, вклучително и опозицијата, да се вклучат во поддршка на овој потфат, да го покажеме на дело нашето единство, околу клучните стратешки цели на РС Македонија, што е во интерес на сите граѓани на нашата заедничка држава, пишува во објавата на Фејсбук на Пендаровски, а реобјавена од пратеничката Фросина Ременски.