Денеска во град Мелник во Пиринска Македонија се одржа голем семакедонски собир во чест на македонскиот војвода и цар на Пиринот, Јане Сандански.
Овој традиционален семакедонски собир е посветен на 104 годишнината од убиството на Царот на Пиринот, како што е наречен легендарниот македонски војвода Јане Сандански.
Собирот е организиран од македонските организации во Бугарија: Партијата ОМО „Илинден“-ПИРИН, весникот „Народна волја“, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, билтен „Македонски глас“, Македонски клуб за етничка толерантност, Правозаштитен комитет толерантност и други, а основни коорганизатори од дијаспората се јавуваат Македонското меѓународно движење за правата на човекот од Канада и Австралиско-македонскиот комитет по правата на човека.
На собирот дојдоа Македонци од цела Пиринска Македонија, од Бугарија и наспроти изборите во Република Македонија дојдоа многу гости од Прилеп, Штип, Радовиш и други места од Република Македонија.
Поздравни телеграми до соборот испратија Виножито од Егејска Македонија, Македонската алијанса за европска интеграција (Албанија), Здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, Светскиот македонски конгрес и други.
Собирот беше отворен со рецитал од Бојан Бибишков и со изведување химната на ОМО „Илинден“ – ПИРИН „Народе македонски“. Говор за животот, делото и заветите на Јане Сандански одржа Димитар Иванов од Централниот совет на ОМО „Илинден“-ПИРИН, кој изјави дека со своето собирање во чест на Јане Македонците денес пак им удираат гласна шлаканица на сите свои негатори.
Со поставување венци и цвеќиња пред споменикот на Јане Сандански во Мелник, едноминутен молк и паѓање на колена беше почетен споменот на војводата. Подоцна специјална делегација од раководството на ОМО „Илинден“-ПИРИ постави венец и на гробот на војводата кај Роженскиот манастир.
За гостите пееше народната певица Марија Димкова от Штип, мешана фолклорна група „Пирински глас“ од Разлог и оркестар „Македонија“ од село Мусомишта Гоцеделчевско со раководител Георги Попов.
Орото го поведе со бајракот со шеснаесет кракото сонце првиот претседател на ОМО „Илинден“ Стојан Георгиев, страдалец за македонските правдини, кој 8 години од својот живот ги поминал низ бугарските затвори. На ливадите крај споменикот на Сандански ората се виеја со часови.
Комити Скопје на гробот на Сандански
Комитска чета денеска беше на гробот на Царот Пирински – Јане Сандански по повод обележување на 104 годишнината од неговото подмолно убиство, објавија на Фејсбук Комити Скопје.
– Затоа што „да живееш значи да се бориш, робот за слобода, а слободниот за совршенство“! Од тука ве повикуваме сите заедно со нас во четврток на 25 април во Скопје од споменикот на Јане Сандански, до ракометниот храм Јане Сандански, за Јане Сандански. Потоа на 4 мај на масовно присуство и оддавање почит на Гоце Делчев. Од Жабар до Свети Спас, порачаа Комити Скопје.