Њујорк, 27 декември 2026, специјално за Денешен.мк

Во Њујорк е прогласена вонредна состојба поради обилните снежни врнежи што го зафатија градот, додека големата зимска бура се очекува да донесе најмногу снег во последните речиси четири години.

Снегот започна да паѓа уште вчера, предизвикувајќи намалена видливост на патиштата, отежнат сообраќај и бројни застои, особено во утринските и попладневните часови. Надлежните служби предупредуваат дека условите за возење се опасни и апелираат граѓаните да избегнуваат непотребни патувања.

Според метеоролошките прогнози, во Њујорк се очекуваат околу 18 сантиметри снег, што би било најголема снежна покривка во градот од пред речиси четири години. Поради лошите временски услови, дел од летовите на аеродромите „ЏФК“, „ЛаГвардиа“ и „Њуарк“ се одложени или откажани, а можно е и дополнително нарушување на авионскиот и јавниот превоз.

Актуелниот градоначалник на Њујорк, Ерик Адамс, кој функцијата ќе ја извршува уште неколку дена пред да биде извршена смената на градското раководство, ситуацијата ја оцени како „значаен снежен настан“ и најави целосна мобилизација на градските служби. На терен се распоредени екипи за чистење снег, а активирани се и плановите за итни интервенции со цел да се одржи проодноста на главните сообраќајници и да се обезбеди безбедноста на граѓаните.

Властите предупредуваат дека снежните врнежи, проследени со силен ветер и ниски температури, може да продолжат и во наредните часови, со зголемен ризик од поледица и дополнителни проблеми во сообраќајот, па се препорачува внимателност и следење на официјалните известувања.