Ни купувањето јагнешко за Велигден, не е со истата радост како претходно, коментира повозрасен Грк додека одбира месо и објаснува дека по првпат нема да купи цело јагне, бидејќи, како што со насмевка вели „владата ни забрани да го печеме на ражен, сопругата ќе го стави во рерна“.
Пандемијата со коронавирусот во Грција и рестриктивните мерки на Владата, резултираа со намален број посетители на пазарот „Варвакиос“ во центарот на Атина, од каде што Грците, традиционално, секоја година во пресрет на Велигден купуваат месо.
Дописничката на МИА од Атина, го посети пазарот за месо и оваа година, иако многумина очекуваа дека посетеноста може да биде сведена на минимум, сепак тезгите не беа празни.
На влезот од пазарот има неколку полицајци кои доколку биде потребно интервенираат за бројот на посетители, но и за да проверат дали граѓаните ги имаат соодветните потврди за движење.
Дел од граѓаните се со маски и ракавици, но не сите.
Сопствениците велат дека и тие се плашат од коронавирусот, но мора да работат. За цените коментираат дека се исти како и лани, без големи промени, јагнешкото месо е околу седум евра, но не го кријат нивното незадоволство од целата ситуација.
-Оваа година е катастрофа. Нема луѓе, не купуваат, а од друга страна имаме и недостиг на увезени јагниња од вашата земја и Бугарија. Други години тие ја намалуваа цената, вели еден сопственик.
-Освен стравот од коронавирусот, дополнителен проблем за нас е и ограничувањето на движењето. Не може некој да дојде од друга населба само за да купи јагнешко. Какво оправдување ќе има ако го запре полиција? Ќе треба да плати 150 или 300 евра казна, коментира друг сопственик.
За дел од потрошувачите, посетата на „Варвакиос“, не е толку познато искуство со оглед на тоа дека Велигден најчесто го поминуваат далеку од грчката престолнина.
-Обично за Велигден не сум во Атина, затоа и не знам дали е поевтино или поскапо во споредба со други години, вели еден Грк.
Веќе неколку години конкурентните цени во синџирите супермаркети се дополнителна причина за намалениот промет на атинскиот пазар.
Според извештајот на грчкиот Институт за истражување на стоки за широка потрошувачка, трошокот за неопходните производи за Велигден во големите супермаркети е за 0,4 отсто помал во споредба со лани.
Еден килограм јагнешко месо во просек е 5,99 евра, односно за три отсто поевтино во споредба со лани.
Раздвиженост во атинските населби, туристичките локации празни
Во одредени делови на грчката престолнина и во одредени населби се забележува голема раздвиженост на граѓаните и покрај забраната за движење, а сликата е сосема поразлична и дијаметрално спротивна на туристичките локации.
Грците, најчесто ја напуштаат Атина за Велигден, заминуваат во нивните села, градовите од каде што потекнуваат или во викендичките и додека грчката престолнина се празни од постојаните жители, истовремено се полни со туристи. Традиција секоја година за големиот христијански празник.
Сега, Грците „остануваат дома“, пазаруваат во супермаркетите и слаткарниците за празникот.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, жители на неколку атински населби коментираат дека не сакаат да остават за последен ден, а истовремено сакаат, иако во најтесниот семеен круг, без роднини и пријатели, сепак достојно да го одбележат празникот.
Пролетното, сончево и топло време, дополнително ги намами Грците, барем на кратко да излезат од нивните домови.
Туристичките локации, пак се целосно тивки. Затворени се таверните, кафулињата, рестораните.
Во населбата Плака под Акропол единствено мачките „го нарушуваат“ мирот по тесните улички меѓу традиционалните градби.
За разлика од претходната репортажа на МИА од Атина, пред 20-ина дена кога во грчката престолнина владееше комплетна тишина, а на главните булевари имаше мал број возила, сега, во пресрет на Велигден, раздвиженоста на Грците беше повеќе од очигледна.
Сања Ристовска