Најмалку 10 лица загинаа во нападот од бомбаш-самоубиец, припадник на исламистичката група Ел Шабаб, во главниот град на Сомалија. Уништени се повеќе згради.
Нападот се случил во трговски центар во Могадишу, на улица каде што се наоѓаат хотели, продавници и ресторани.
– Повеќе од 10 луѓе загинаа. Хотелот и уште неколку згради се уништени, а 20 повредени се префрлени во болница, изјави за Ројтерс шефот на полицијата Абдулахи Али и додаде дека се верува оти има уште тела во урнатините.
Одговорноста за нападот ја презеде терористичката организација Ел Шабаб, а нејзиниот портпарол дека тие „се уште се внатре“.
Но, шефот на полицијата се сомнева во тоа дека терористите и натаму се во зградата, меѓутоа вели дека „се е можно“, зашто во некои згради е замрачено бидејќи експлозијата го прекина доводот на струја.
Оваа беше најсилна експлозија што се случила во Могадишу во последните неколку години. Парчиња стакло, од силната експлозија, летале неколку километри од местото на кое бомбашот се разнесол.
Од 1991 година Сомалија ја потресува беззаконие и злосторства. Исламистичката група Ел Шабаб се бори против владата која ја поддржуваат западните сили, а ја штити мировна мисија на Африканската унија.