Околу 300 луѓе се вклучени на терен во гаснење на пожарот кој поради човечко невнимание претпладнево избувна во Бигла, делчевско.

Според последните информации од директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов и Иван Гоцевски, градоначалник на Општина Делчево на терен се работи активно, се со цел да се заштити боровата шума и да се спречи дополнително ширење на пожарот потпомогнат од ветерот.

Кон гаснењето на пожарот вклучени се и трите „Ер трактори“ на ДЗС.

На помош покрај противпожарната единица на Делчево, свои екипи испратиле и ТППЕ од Штип, Гевгелија, Пехчево, Кочани, Македонска Каменица, Виница, Берово, информираше Гоцевски.

ДЗС

На неколку лица им била пружена лекарска помош поради вдишување на чад, но според последните информации, сите се во добра здравствена состојба.

За потсетување, шумскиот пожар избувна откако лице палело гуми во својот двор и изгубило контрола врз огнот, по што пожарот се проширил во блиската борова шума.