Интересна приказна за портретите на македонскиот великан Гоце Делчев е објавена на страницата на Фејсбук која се занимава со прикази за Македонија преку уметнички слики, ретки историски фотографии и друго.
Приказната во продолжение ја пренесуваме онака како што е раскажана од сопственикот и администратор на страницата.
Во Април 2018 година, на Ebay се појави оглас за продажба на портрет на Гоце Делчев во комитска облека со оружје, масло на картон нацртано во 1953 година од сликарот Никола Гугушев. Продавачот беше од Бугарија. Ставив многу ниска понуда, но на мое пријатно изненадување, продавачот ја прифати понудата.
Стапивме брзо во контакт за да се наплатиме и да се договориме за траспортот. На мое изненадување, гоподинот имаше уште 4 (четири!) портрети на Гоце Делчев, масла на платно, нацртани во периодот 1930- 1955 година.
„Ами, овде во Софија, никој не ги купува портретите на Гоце, младите ги добиле во наследство од баба и дедо, ама не им се бендисуваат, а не го ни знаат.“ – му вели господинот.
Во тоа време, македонски-бугарските односи беа релативно нормални, немаше кавги и тепачки околу Гоце. Си муабетевме најнормално. Ми понуди пакет-дил – да ги купам сите негови Гоцеви портрети наеднаш. Го одбив оти немам место дома за толку многу слики, башка не знам што би му правел на толку многу портрети на Гоце. Го купив само тој од 1953 година, нацртан од Никола Гугушев.
Кој е овој сликар? И каква е неговата врска со Гоце Делчев? На интернет нема многу биографски податоци за него.
Во потрагата за повеќе информации за сликарот и за историјата на сликата налетав на написот “Мојот расказ за Гоцевиот род“ објавен во 1983 во Софија, Бугарија, напишан од внуката на Гоце, госпоѓата Нина Андонова (1940-2006). Нејзината баба Тина Андонова (1874-1955) била сестра на Гоце Делчев (1972-1903).
Во расказот госпоѓа Андонова пишува дека сликата била во сопственост на нејзините родители , а таа и брат ѝ како деца си играле комити крај сликата, инспирирани од пиштолот и камата на Гоце. Исто пишува дека секој пат кога нејзината баба Тина ќе ја погледнела сликата, започнувала да плачи. Дури на возрасни години, госпоѓата Андонова ѝ станало јасно зошто плачела баба ѝ на секој поглед кон сликата– плачела по нејзините прерано починати браќа Гоце, Милан, Димитар и Христо, плачела за целото семејсто Делчеви кое го следела лоша судбина. Во домот на нејзините родители, покрај сликата на Гоце стоело старо бакарно тенџере кое било спомен на родното место во Кукуш. Кога за време на Балканските Војни, грчката војска го запалила Кукуш, настанал општ погром, и единствено нешто што семејстово Делчеви успеале да го земат од својот дом во Кукуш било тоа старо бакарно тенџере.
Во Кукуш до куќата на Делчеви била куќата на Гугушеви. Петар Гугушев (? – 1912) бил другар на Гоце и член на ВМРО од создавањето и водач на комитетот во Кукуш од пролетта 1895 година. Сликарот Никола Гугушев е најверојатно негов брат.
Во написот е исто опишано како настанала сликата. Имено во 1927 година во Софија се одржала средба на Кукушкото друштво во кое била предвидена изложба на слики на Никола Гугушев. Овој сликар во 1920 година формирал книжевен клуб „Гоце Делчев“ кој бил забранет од бугарското министерство за правда. За време на изложбата, посетителите го предизвикале сликарот да наслика портрет на Гоце. Никола Гугушев го прифатил предизвикот и за 30 минути направил скица и од неа масло на платно од овој портрет кое што му го подарил на Христо – братот на Гоце Делчев.
Подоцна , во 1950-тите години , Гугушев изработува уште една масло на панел од истата скица кое го подарува на Тина , сестрата на Гоце, кое подоцна е во сопственост на внуката на Гоце, Нина Андонова, а кое по нејзината смрт во 2006 заталкува по арт дилери низ Бугарија за да денес стигне во мојата приватна колекција.
Би било убаво сликата да се врати во Македонија, па и последната желба на Гоце била да почива во слободна Македонија. Ќе се потрудам летоска да ја донесам сликата „дома“.
Оригиналниот текст и објавата може да ги отворите ТУКА.
(Подготви: Д. Г.)