Земјоделците во Холандија ги продолжуваат протестите и денеска со „наѓубрување“ на автопатите и други сообраќајници поради револт од владините планови за намалување на емисијата на азот.
Сообраќајните власти соопштија дека рано утрово целосно или делумно се блокирани неколку патишта во централна и источна Холандија и дека пожарните служби се итно упатени да овозможат проодност на сообраќајот, пренесува Асошиејтед прес.
Најновите демонстрации уследиле ден откако посредникот кој го именувала владата, Јохан Ремкес, пратил повици до организациите на земјоделците да разговараат со владејачката коалиција за начините на намалување на емисијата на азот.
– Преговорите ги гледам како пресвртница: заедничко излегување од слепата улица. Кабинетот ме увери дека заедничките решенија се можни“, изјавил Ремкес, пренесува АП.
Земјоделците се лути, бидејќи веруваат дека владината одлука да ја намали емисијата на азотни оксиди и амонијак ќе го уништи нивниот земјоделски начин на живот и дека ќе останат без работа.
Земјоделците тврдат дека неправедно ќе го поднесат најголемиот товар на реформата, додека на другите индустрии, како што се авијацијата, градинарство и транспорт, иако и тие ја загадуваат околината, применети се многу поблаги мерки и ѝ забележуваат на владата на тоа што не им понудила алтернативни решенија.
На почетокот на оваа година земјоделците со трактори ги блокирале автопатите и дистрибутивните центри на супермаркетите, наведува американската агенција.
Протестот на земјоделците во Холандија трае веќе подолг период.