Уште на почетокот да сме начисто: Секој вандализам е за осуда, секој запален контејнер и заклучно скршената Шилегова јапонска цреша на улица Максим Горки во центарот на Скопје.
Но, звучи најмалку иронично, тажно и смешно кога шарените револуционери дигаат „востание“ на социјалните мрежи и другите медиуми поради скршената Шилегова црешна. Токму тие кои искршија, запалија и уништија едно чудо фасади, стакла, заклучно со запалената канцеларија на Претседателот на Република Македонија во центарот на Скопје.
Ама народот убаво рекол: Сто уништени фасади помалку болат од една скршена Шилегова цреша. Токму затоа градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и Град Скопје денеска делат памет како не треба да се уништува јавниот имот:
– Несовесното однесување на поединци не смее да биде одлика на граѓаните на Скопје. Грижата за општото добро е заедничка грижа и сите заедно мора да придонесеме за заштита и подобрување на животната околина во главниот град. Град Скопје во наредниот период ќе го замени скршеното дрво со нова јапонска цреша, објави Шилегов на Фејсбук.
И Град Скопје ги искара своите „невоспитани граѓани“:
– Град Скопје во наредниот период ќе го замени скршеното дрво со нова јапонска цреша, а притоа апелира до граѓаните да го чуваат Скопје и во иднина ако забележат, да не се воздржуваат и да пријавуваат вандализам до надлежните органи за да се намалат или спречат ваквите или слични вандализми коишто освен штета, не придонесуваат со ништо друго. Несовесното однесување на поединци не смее да биде одлика на граѓаните на Скопје. Грижата за општото добро е заедничка грижа и сите заедно мора да придонесеме за заштита и подобрување на животната околина во главниот град, ни соопшти и Градот.
Другари Шилегов и Град Скопје, за жал, вашите „невоспитани скопјани“ само ги продолжуваат традициите на вашата шарена револуција. За осуда се и тие што кршат Шилегови цреши и контејнери, како и идеолозите од кои тоа го научија и ги продолжуваат „славните традиции“.
(Д.Г.)