Само во текот на вчерашниот ден, додека течеше церемонијата на отворањето на „клиниката“ за животни, во Скопје се искасани од скитници четири лица, меѓу кои и две деца.
Додека градоначалникот Петре Шилегов го отвораше стационарот на ЈП „Лајка“, со подно греење, операциона сала, оддел за интензивна нега… само на неколку стотини метри преку Вардар, од незгрижени кучња скитници се искасани и две деца.
Така само од вчера, кога Шилегов помпезно ја отвораше „клиниката“, има четири кандидати за одделот за „кучиња кои каснале граѓани“.
Полицискиот билтен сурово ги бележи овие трауми на граѓаните:
На 14.10.2020 во 21.20 часот во Полициската станица Аеродром, В.З.(41) од Скопје пријавил дека на бул.„Јане Сандански“ неговиот син бил каснат од куче скитник.
На 14.10.2020 во 14.15 часот во Полициската станица Центар, Б.Ш.(36) од Скопје пријавил дека во центарот на градот бил каснат од куче скитник.
На 14.10.2020 во 20.15 часот во СВР Скопје, С.Р.(45) од Скопје пријавила дека во парк на бул.„АСНОМ“ нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.
На 14.10.2020 во 16.20 часот во СВР Скопје, М.Ц.(34) од с.Марино, скопско, пријавил дека на кејот на реката Вардар бил каснат од куче скитник.
Човечки е да се сакаат кучињата и сите животни, човечки е да се сакаат церемониите и сликањето, но зарем не е човечки да се сакаат и луѓето, а особено децата?
(Д. Г.)