Продолжува ослободувањето на заробените дрвја, објави пред малку градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
– Екипи на Град Скопје на улицата Франклин Рузвелт продолжија со теренски активности за ослободување на заробени стебла и корења на дрвјата, со градежен материјал, поставен при нестручно изведени градежни активности. Град Скопје оваа активност ја реализира во соработка со Шумарскиот факултет врз основа на меморандумот за соработка потпишан во јануари. Шумарскиот факултет мапираше над 500 дрвја во опасност од оштетување на различни локации во Скопје, а обезбеди и стручна помош во обуката на лицата задолжени од Град Скопје, кои непосредно ги реализираат теренските активности за отстранување на градежниот материјал, објави Шилегов на Фејсбук за операцијата ослободување на дрвјата.