Легендата на Свети Никола се празнува во целиот регион на Лорен или Лотарингија, и останува пред се народен празник.
Дописникот на МИА беше во Епинал, град на истокот на Франција, сместен во подножјето на Вогезите и познат како збратимен град на Битола, со која негува веќе повеќе од половина век на пријателство, и потсети за оваа легенда. Соседниот и поголем град до Епинал – Нанси, се обидува да ја заштити прославата на Свети Никола во редот на нематеријалното духовно наследство на УНЕСКО, но всушност традицијата на дефилеата почна токму во Епинал, во седумдесетите години на минатиот век.
Жак Грасер, историчар и одличен познавач на традицијата на Свети Никола, ни објасни дека порано Свети Никола се празнуваше секогаш на 6-ти декември, денот на Свети Никола. Тогаш на улиците на Епинал и во соседните општини-села, имаше само една кочија – таа на Свети Никола, која ги даруваше децата со бонбони, а зад неа одеше „Пер Фуеатар“ (таткото камшик) кој ги казнуваше непослушните и немирните деца).
Така по една прошетка на Свети Никола на улиците од Епинал, на градоначалникот на Епинал Андре Аргант (иницијаторот на збратимувањето на Епинал со Битола и чиј татко почива во Битола) му било предложено покрај кочијата на Свети Никола (кој вообичаено според легендата патувал на магаре), да му се приклучат и други кочии-приколици на соодветна тема, изработени од здруженијата на граѓани и соседните општини кои дефилираат пред Свети Никола, препратени со лимени оркестри меѓу приколиците. Оттогаш започнува дефилето на Свети Никола на улиците на Епинал.
Тогашниот градоначалник на Нанси, поканет на дефилето во Епинал, посакал истото дефиле да биде и во Нанси, по што паднал договорот. Во сабота дефилето се одржува во Епинал, а во недела во Нанси, што и дозволувало на локалните лимени оркестри-фанфари да настапуваат на двете дефилеа волонтерски. Но, од пред неколку години, Нанси сака да ја присвои прославата за себе си, вложувајќи скоро еден милион евра во неа и сакајќи да ја претстави како културно наследство во УНЕСКО. Сепак, оригиналната прослава во Епинал ги има симпатиите на народот, бидејќи таа е се уште изворна, во која бројни здруженија на граѓани учествуваат волонтерски, координирани од друштвото за празнување (сосиете де фет).
Легендата за Свети Никола, што според католичкиот календар се празнува на 6 декември, меѓу западните христијани почна да се шири од Лорен – Североисточна Франција во 1087 година. По долината на Мозел и Рајна, во 13 век се прошири во цела Германија. Во 17 век холанѓаните преку нивната колонија Нов Амстердам, денешен Њујорк, го пренесуваат празнувањето на Свети Никола и во Америка. Заштитникот на Амстердам е токму Свети Никола или Синтерклаас, Синтерклаес, Сундреклаас или Синт Никлаас на холандски, кој набрзо станува Санта Клаус наместо Свети Никола. Подоцна една компанија со пијалоци го присвојува, го облекува во црвено и го нарекува „Дедо Мраз“.
Легендата на Свети Никола во Лорен започнува, како што е наведено погоре во 11-от век, откако еден рицар задолжен да ги чува реликвиите на Свети Никола во Бари Италија, се враќа во неговиот роден крај со редна реликвија, што ја украдол – прстот на чудотворецот.
На местото каде се чуваат реликвиите на Свети Никола денес стои импозантна базилика, каде секоја година се оддржува највеличествената процесија и прослава на Свети Никола во Франција и во Западна Европа. Тоа се случува во мало градче што го носи името на светецот, Сан Никола де Порт, на брегот на Мозел, на дваесетина километри од Нанси. Односно, на околу 60 километри од Епинал.
Секој 6-ти декември, скоро осум векови околу и во базиликата која го носи неговото име, заедно се молат илјадници христијани, католици и православни.
Но, прославата на Свети Никола во овој дел на Франција, ги надмина религиозните граници. Тој се празнува во републиканската – лаичка Франција, како еден од најголемите народни празници во Лорен, како што доликува да се празнува заштитникот на регионот и неговите градови и села.
Во Холандија, каде Свети Никола со себе ги носи и своите помошници, двајцата Црни Петри кои делат бонбончиња, се отвори полемика дека Црните Петри се расистички остатоци од времињата на робовладетелството.
На истокот од Франција нема никаква полемика околу Свети Никола и неговиот придружник. Потврда на ова е свеченото дефиле во Епинал – Франција.
Свети Никола е тој кој лично ги дарува „послушните“ деца, а сите знаеме дека сите деца се послушни. Тој и тука никогаш не патува самиот. Тука е верното магаре кое го носи од училиште во училиште, од градинка во градинка и понекогаш придружуван и од Пер Фуетар – дедо „Камшик“, кој ги казнува непослушните деца. Затоа и загриженоста на најмладите гледачи на кортежот на Свети Никола, кога поминува Пер Фуетар пред нив.
Во бројните легенди, кои се развија преку усните преданија и средновековната литература, тој е претставен како многу скромен, добротворец и чудотворец. Во легендата во Лорен тој воскреснува три деца, кои три години поминале во качето на еден алчен касап, кој всушност е негативната личност во легендата во овој дел на Европа.
Во Епинал, Нанси, или Мец, како што гледате на фотографиите направени во Епинал, минатиот викенд излегоа повеќе илјади луѓе, од кои најбројни беа децата, за да му се воодушевуваат на Свети Никола и на дефилеата организирани во негова чест. Бидејќи со празнувањето на Свети Никола се поврзани спомените на сите, без разлика на нивната верска припадност.
Порано, до пред крајот на Втората светска војна, пред доаѓањето на црвениот Дедо Мраз со боите на Кока Кола, подароците на децата пред огништата ги носеше Свети Никола – чудотворецот и добротворецот. Тоа беа скромни подароци, дрвени играчки или малку овошје, мандарини или портокали, кои беа реткост… Немаше таблети, мобилни телефони или други електронски играчки… Сепак, Свети Никола и Пер Фуетар се сеуште тука да потсетат на едно време, кога да се даде подарок на тој кој што го сакаме и посебно децата имаше едно друго значење.
Тони Гламчевски за МИА