Седум дена во Израел. Два во Ерусалим, пет во Тел Авив. Многу малку слободно време за прошетка. Фокус на посетата – иновации, стартапи, најнови технолошки достигнувања.

Агендата набиена, организаторите прецизни. Отстапки нема. Сите во „автобувчето“ што од 8:00 до 20:00 нè развозува од точка од А до точка Б. Од еден стартап до друг. Од Центарот за нано и киберистражувања до Институтот за студии за национална безбедност.

Мораме да ѕиркаме низ прозорците за да почувствуваме дека сме во „светата земја“.

Сепак, имаме среќа. Последниот ден, сабота – слободен. Летот за Истанбул доцна вечерта. Нема дилеми. Ќе го искористиме максимално.

За едни изборот е „плажа“ – капење и сончање. За други – пиво, две низ блиските сокаци.

За трети, позајмување велосипед од хотелот и тргнување „во поход“.

Шалом!

Прва дестинација центарот на градот. Улиците речиси празни. Шабат е. Неработен ден. Уште подобро. Супер за возење.

Висококатници на сите страни. Паркови. Дуќанчиња. Кафулиња. Мирис на фалафел.

Стигнуваме до плоштадот „Рабин“, местото на кое со години се одржувале бројни политички митинзи, паради и други јавни настани. Порано ова бил „Плоштад на кралевите“, но е преименуван во 1995 година, по атентатот на премиерот Јицак Рабин што бил извршен токму таму, на 4 ноември истата година.

Посетителите денес тука можат да ја видат спомен-скулптурата по повод одбележувањето на холокаустот од Јигал Тумаркин. Во форма на голем превртен метален триаголник со шипки, скулптурата, гледана одозгора, ја формира ѕвездата на Давид. Во нејзина близина има мал базен со лотосови цвеќиња.

Подолу, кон зградата на Градското собрание, е фонтаната, а пред зградата стои не многу голема биста на Јицак Рабин. Нејзе ѝ претходи уште едно спомен-обележје направено од скршени карпи што го симболизира „земјотресот“ од тогашната политика и атентатот на Рабин.

Продолживме кон следниот плоштад. На Израелската филхармонија. Плоштад „Сцена“ или „Оркестар плаза“. Дом на голем број културни институции како театарот „Хабима“ и Павилјонот за современа уметност „Хелена Рубинштајн“. Место за одмор, детска игра и понекое кафе. Голема површина со огромна скулптура на Ја’аков Абам, хортикултурно уредување и базен.

Патот води накај булеварот „Ротчилд“. Додека ја бараме улицата „Аленби“ на која се наоѓа Големата синагога, возиме по Патеката на иновациите. Неповторливо доживување. „Построени“ дрвја од двете страни во две паралелни линии. Ниту едно не стрчи по лево или по десно. Испоседнати млади луѓе на трева, колички со бебиња, насмеани лица, електрични тротинети еден куп.

Задоцнивме. Синагогата веќе беше затворена. Мисата завршила. Сите беа испоседнати во соседното кафуле. Ги завртевме велосипедите назад. Повторно по „Ротчилд“. До крај, па десно.

Конечно стигнавме до (за мене) поубавиот дел на градот. Уметничкиот, авангарден и идиличен Неве Цедек. Најшармантното соседство на Тел Авив. Мали, тесни улички. Калдрми. Куќички со ишарани ѕидови. Графити на секој чекор. Ексклузивни дуќани. Бутици и продавници за занаетчиски производи. Галерии и понекој уличен музичар.

Се вртевме по секое ќоше. Ја најдовме и Академијата за танц.

Седнавме во паркот што го поврзува Неве Цедек со брегот на Тел Авив (познатата променада), да ги потсобереме впечатоците. Набрзина пивнавме кафе, не можејќи да дочекаме што ќе откриеме кај „старата железничка“.

И таа беше приказна за себе. Пример како нешто што веќе не е во функција може комплетно да се пренамени во атракција за туристи со изострен вкус.

Откако „свртевме крукче“ пешки (зашто велосипеди тука не се дозволени), восхитени заминавме накај преубавиот Стар град во Јафа или Јафо, како што го нарекуваат Израелците.

Јафа е дел од Тел Авив што не смее да се пропушти. Спој на традицијата и модерното, на античкото и сегашното. Се смета дека е населена пред 7.500 години. Позната е по библиските приказни за Соломон и свети Петар и за митолошките за Андромеда и Персеј.

Возевме по самиот брег. На патеката се разминувавме со други велосипедисти, со луѓе кои одеа на плажа, со џогери и сурфери.

 

На среќата ѝ немаше крај. Како повеќе се оддалечувавме, така глетката беше поубава. Тел Авив на дланка. Како од некој документарец на Би-би-си.

Не ни сметаше сонцето иако упорно „печеше“. И онака идејата ни беше „на крај“ турата да ја заокружиме со едно, две или три добри пливања во Медитеранското Море.

Ги врзавме велосипедите за оградата на пристаништето. Пред нас таблата „Old city of Jaffa“.

Нè пречекаа карпата на Андромеда, Саат-кулата и црквата „Свети Петар“, штандови на кои се продаваат рачни изработки и свежи пијалаци.

И тамам човек ќе помисли сè видел – оп, пред него „се отвора“ нешто ново. Повторно здогледувате скали. Водат некаде. Се качувате и доаѓате до преубавата панорама на Тел Авив. Француски туристи ве поздравуваат, замолуваат да ги сликате. Потоа тие вас ве фотографираат.

Оттука не знаете дали да продолжите по „Мостот на желбите“ каде што си посакувате желба гледајќи во морето со дланката потпрена на вашиот хороскопски знак или накај амфитеатарот што води кон сегашната Јафа.

А таму веќе беа почнати забавите за Нова година што Израел требаше да ја пречека во неделата и понеделникот (29 и 30 септември).

Веќе е 17:30. Привршуваме со „турата“. Имаме време и за неколку „фрлања“ во Медитеранско Море, како што планиравме. Водата топла. Зелено обоена. Песокот ситен. Пустински.

Освежени, остануваме да го испратиме сонцето. Последниот залез од нашето патување. Запаметен ќе остане и вкусот на изралеското инстант кафе што го пиевме додека „зеевме“ во волшебниот хоризонт.

Мирјана Чакарова за МИА