Претседателката на француската Национална комисија за јавни дебати Шантал Жуано одлучи да се повлече од националната дебата за излез од кризата со „жолтите елеци“, откако во јавноста беа изнесени податоци за висината на нејзината плата.
Сепак, како што јави дописникот на МИА, таа останува на чело на Комисијата, а ќе се повлече само од раководењето со националната дебата, што ја иницираше францускиот претседател Емануел Макрон.
Жуано реши да се повлече откако во медиумите и пред се на социјалните мрежи беа предизвикани жестоки реакции поради објавувањето на информацијата дека нејзината плата изнесува 14.666 евра месечно, што е речиси еднаква со онаа на претседател или премиерот на Франција, кои заработуваат по 15.140 евра бруто месечно.
– Одлучив да се повлечам од водењето на оваа дебата, изјави Жуано за Франс 2, додавајќи дека расправата што се поведе за висината на нејзината плата е „легитимна”.
Според неа, во вакви околности „не постојат добри услови“ за дебатата за илзез од кризата, во која, како што нагласи, „верува повеќе отколку што е потребно“.
– Им оставам на претседателот и на Владата, да одлучат за надоместокот на претседателот на Националната комисија за јавни дебати, како и за другите надоместоци на независни органи и функционери, истакна Жуано.
На одлуката на Жуано, реагираше Кабинетот на францускиот премиер Едуар Филип, нагласувајќи дека го прифаќа нејзиното решение и најавувајќи дека ќе предложи рамка за националната дебата и гаранции за нејзината независност и неутралност.
Се очекува претседателот Макрон да објави порака до Французите, со која ќе објасни како ќе се оддвива дебата за излез од кризата, чиј почеток е предвиден за 15 јануари.
Соочен со социјалната и безбедносната криза предизвикана од протестите на „жолтите елеци”, Mакрон минатиот месец најави одржување „голема национална дебата“ за четири теми: еколошка транзиција, оданочување, јавни услуги и граѓанско општество.