Вториот форум „Појас и пат“ за меѓународна соработка се одржува од денеска до 27 април во Пекинг. Тоа е платформа на највисоко ниво за меѓународна соработка во рамки на иницијативата „Појас и пат“.

Темата на вториот самит е „Соработката во рамки на иницијативата Појас и пат, формирајќи посилна заедничка иднина”. Главна цел е да се промовира висококвалитетниот развој на соработката во рамки на „Појас и пат“, што е заедничка аспирација на земјите учеснички во иницијативата.

Овогодинешниот собир ќе има 12 тематски форуми.

Лидерите, меѓу кои шефови на држави и влади од 37 земји, вклучувајќи ги и европските земји како Австрија, Чешка, Грција, Унгарија, Италија, Русија и Србија, ќе присуствуваат на тркалезната маса на форумот.

На форумот ќе присуствуваат Генералниот секретар на ОН и генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд заедно со високи претставници на Франција, Германија, Велика Британија, Шпанија, Јапонија, Република Кореја и Европската унија. Околу 5.000 учесници од повеќе од 150 земји и 90 меѓународни организации ќе присуствуваат на овој Форум, покривајќи области од пет континенти и различни сфери на живеење, како што се влада, граѓанско општество, бизнис и академија.

Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе присуствува на церемонијата на отворањето на Форумот и ќе одржи воведен говор. Тој, исто така, ќе претседава со тркалезната маса на лидерите и ќе ги брифира домашните и странските медиуми за резултатите по одржувањето на тркалезната маса.

Овогодинешниот форум ќе ја искаже цврстата поддршка за мултилатерализмот и отворената светска економија, ќе ги збогати принципите на соработка во рамки на иницијативата „Појас и пат“, ќе изгради мрежа на партнерства и ќе воспостави повеќе механизми за висококвалитетен развој.

Учесниците ќе ја разгледаат имплементацијата на иницијативата во областите на инфраструктурата, енергијата и ресурсите, производствениот капацитет, трговијата и инвестициите и идентификување на големи проекти. Ќе бидат потпишани договори за соработка меѓу владите и компаниите.

Се очекува форумот да овозможи посилен поттик во светската економија, да отвори уште поширок хоризонт за развој на земјите и да придонесе за градење заедница со заедничка иднина за човештвото.

Првиот форум „Појас и пат“ за меѓународна соработка се одржи на 14 и 15 мај 2017 година во Пекинг.