Франција наскоро ќе ја достигне точката кога маската повеќе нема да биде задолжителна на отворено, изјави министерот за здравство, Оливие Веран, без да даде притоа датум, кога тоа ќе се случи, јави дописникот на МИА.

-Се уште не сме на ова ниво, но ќе стигнеме наскоро, рече Веран во интервјуто за БФМТВ.

„Кога сте надвор, во центарот на еден голем град, со многу продавници, ќе чекате во редици, ќе јадете, ќе среќавате луѓе итн. Таму, сè додека немаме соодветно ниво на покриеност со вакцинацијата, се чини, повнимателно е да се одржи обврската за носење маска“, објасни министерот.

Министерот Веран понатаму кажа дека е резервиран во однос на политиката на  САД, каде маската повеќе не е неопходна за оние кои се вакцинирани.

-Џо Бајден даде многу силна порака кога: Носете маска или вакцинирајте се. Непосредниот ефект, и тоа беше широко критикувано во САД, е пад на намерите за вакцинација. (…) Мора да бидеме внимателни, смета Веран.

Според него, најголемиот ризик е да се оди пребрзо.

-Да кажеме ајде одиме и за три недели, за еден месец да кажете: пријатели, има проблем, вирусот повторно се зголемува, има хоспитализации, се затвораме, рече тој.

Земјите што отидоа прерано и пребрзо беа принудени да се вратат назад, тоа беше доживеано крајно лошо кај граѓаните, смета францускиот министер.