Поранешниот француски боксер Кристоф Детанже денеска беше изведен пред Суд, под обвинение за напад врз двајца жандарми за време на протестите на „жолтите елеци“ на 5 јануари, јави дописникот на МИА.
За едни, постапката на Детанже е херојски чин, па орагнизираа собирање пари преку интернет за плаќање на неговите тројца адвокати, а за други тоа е чисто насилство.
Детанже, кој денешното судење го дочека во затвор, би можел да заработи до седум години затвор и парична казна од 100.000 евра, врз основа на обвинението за „намерно насилство во група врз лица кои имаат јавни овластувања“.
Кога првпат беше изведен пред Судот, само четири дена по настанот, боксерот со солзи во очите изрази жалење за неговото дело, тврдејќи дека не се контролирал.
Жандармите кои беа нападнати од Детанже изјавија дека од Судот очекуваат да донесе одлука, која ќе ја земе предвид сериозноста на делото. Еден од двајцата жандарми се уште е на боледување од здобиените повреди при нападот.