Медеф, водечката организација на француските работодавачи, ги повикува компаниите да се подготват за „најлошото сценарио”, за излезот на Велика Британија од Европската унија без договор.
„Овој резултат , сега го прави за жал можно излегувањето на Велика Британија од ЕУ без договор на 29-ти март” пишува во соопштението на Медеф, која се уште се надева дека ќе се најде решение.
„Во секој случај, Медеф ги повикува сите компании да се подготват за најлошото сценарио, односно немање-договор” и за неговите последици за нивните активности, додава организацијата на работодавачи во соопштението.
Медеф потсетува дека за излез без договор, луѓето, стоките, услугите и капиталот повеќе не може да се движат слободно меѓу Европа и Обединетото Кралство.
Според организацијата на работодавачите, 300.000 Французи работат од другата страна на Ла Манш. Истовремено 150.000 Британци се населиле во Франција, каде што речиси десет милиони нивни сонародници доаѓаат секоја година на одмор, 30.000 француски претпријатија извезуваат во Велика Британија и повеќе од 3.000 од нив се на британска територија.
Франција ќе ги интензивира своите подготовки во случај на брегзит без договор,соопшти Елисејската палата.
Премиерот Едуар Филип утре ќе има работен состанок со клучните министри за да се разгледаат и забрзаат подготовките.
Овој состанок беше планиран пред британското гласање, како дел од подготовките за брегзит, закажан за 29 март.
Со отфрлањето на договорот од страна на големото мнозинство на британските пратеници, ризиците од „без договор “се зголемија вчера. Такво сценарио „би било многу негативно за Обединетото Кралство” и “би било лошо за Европа и за Франција, која е влезната врата” за добар дел од протокот на стоки и луѓе помеѓу Велика Британија и остатокот на Европа, вели Елисејската палата.
Предлог-законот кој го подготвува Франција за било која форма со која ќе излезе Обединетото Кралство од ЕУ треба да биде усвоен до крајот на оваа недела од страна на Парламентот. За овој текст, двата дома на францускиот парламент се согласија кон крајот на 2018 година, со кој се овластува владата да донесува соодветни мерки со уредби.