Проценета на 1,5 милиони евра, „Пристаништето на Ла Рошел“, слика на Пол Сињак, сопственост на градот Нанси, беше украдена од градскиот музеј на уметности во мај 2018 година. Сликата беше пронајдена во Украина и денеска се враќа во Нанси, јави дописникот на МИА.

Сликата на пејзажисот Пол Сињак е сопственост на градот Нанси уште од 60-тите години на минатиот век – масло од 1915 година (46 х 55 сантиметри). Сликата беше украдена, а на ѕидот беше оставена само рамката. Сликата е проценета на 1,5 милиони евра.

Франсоа Перен, јавен обвинител на Нанси, тогаш истрагата ја довери на полицијата од Нанси и на Централната канцеларија за борба против трговија со културни добра. Истрагите се уште траат за да се пронајдат евентуалните други извршители на кражбата во Нанси.

Во 2019 година, кражбата започна да се расветлува во Украина со апсењето во Киев на три лица осомничени дека учествувале во убиството на сопственикот на претпријатие кое работи со накит. Еден од уапсените побарал од полицијата да внимаваат на сликата, која како што им рекол е од познат француски сликар и е многу вредна. Се покажа дека тоа е сликата на Сињак украдена во Нанси.

Експертиза нарачана од француското судство ја потврди автентичноста на пронајденото платно.

Истражните органи знаат дека еден од соучесниците на крадецот бил уапсен неколку месеци претходно во Амстердам, по кражбата на слика на Реноар во Виена, Австрија. Овој соучесник е всушност претпоставен „мозок“ на банда од четворица криминалци на високо ниво: човекот, заинтересиран за уметност, е во состојба да ги отсече сликите на славните сликари на многу педантен начин, оставајќи ја рамката на своето место. Тој има физички изглед кој речиси поминува незабележано. За време на неговиот трансфер во Франција пред неколку месеци, полицајците и судиите се прашуваа дали тој не е двојник на Вуди Ален.

Според информациите, украинскиот Арсен Лупин, на возраст од 61 година, е осомничен, заедно со неговите соработници за други кражби во Франција: уште еден Реноар украден во 2017 година од Сен Жермен-ан-Леј и две слики, едната од Ежен Будин, друго од Ежен Галиен-Лалу, во 2018 година во Версај на аукција.

Во Нанси денеска треба да се одржи официјална церемонија за предавање на сликата во присуство на претставници на Нанси и украинските власти.