Француската Влада сака да стави крај на атмосферата на урбано насилство што се повтори и овој викенд во неколку градови во Франција, јави МИА.
– Сега мора да владеат редот, мирот и согласноста. Тоа и е потребно на нашата земја. Мораме да ги надминеме поделбите, изјави шефот на француската државата Емануел Макрон, предупредувајќи дека „е очигледно оти ќе има најстроги судски одговори“.
Уште на 5 декември, со циркуларно писмо, францускaтa министерка за правда Никол Белубе побара од обвинителите „примерна строгост“ кон уапсените учесници во непријавените демонстрации.
Владата, но и многу други политичари во Франција, ја осудија радикализацијата на движењето на „жолтите елеци“ и „невиденото насилство“. Тоа посебно се однесува на снимени инциденти кои постојано се емитуваат на информативните канали и социјалните мрежи.
Франција исто така е згрозена и од антисемитските испади и расистичките говори на дел од припадниците на „жолтите елеци“ за време на протестите, како, на пример, пеењето на една антисемитска песна на скалите на Монмартр со подигнати раце во стилот на фашистичкиот поздрав или вербалниот напад врз една повозрасна жена во париското метро.
Кукла со слика на Макрон беше обезглавена во петокот вечерта во Ангулем, при што беше употребена и вистинска говедска крв со цел обезглавувањето да биде поверодостојно, по што куклата беше запалена, а демонстрантите играа и пееја околу неа.
Во Нант демонстрантите обесија кукла со ликот на претседателот Макрон, по што исто така ја запалија.
Францускиот премиер Едуар Филип се сретна денеска со припадниците на полициска единица, чии тројца колеги беа нападнати во саботата од страна на „жолтите елеци“ на „Шанзелизе“.
Тројцата полицајци на мотоцикли беа опколени од „жолтите елеци” на крстосницата на Авенија „Жорж Петти“ и „Шанзелизе“, во саботата вечерта. Сцената беше снимена и поставена на социјалните мрежи и пренесена на телевизиите, на која се гледа како тројцата полицајци во последен момент успеваат да побегаат.
Демонстрантите врз нив фрлаа камења и други тврди предмети, при што еден од полицајците паѓа, а неговиот колега го извлекува пиштолот од футролата и да го вперува кон „жолтите елеци“ за да можат заедно да побегнат од напаѓачите, оставајќи го моторот на вандализмот на насилниците.
Оваа сцена, можеби најдобро ја илустрира радикализацијата на „жолтите елеци“, кои предизвикуваат судири со полицијата, употребувајќи и рачно изработени експлозивни направи, со цел да им нанесат повреди на припадниците на силите на редот.
Така во Нанси тројца полицајци беа повредени при вистинско урбано насилство, што досега можеше да се види само во Париз.
Парискиот обвинител вчера објави отпочнување истрага за „намерно насилство“ врз полицајците, но засега никој не е уапсен под ова обвинение.
Но, тоа е само едната страна од медалот, погледната соочите на власта во Франција. Наспроти насилството од жолтите елеци, на социјалните мрежи се објавуваат многу фотографии и видеозаписи за насилството од полицијата врз жолтите елеци.