Според годишниот извештај на Министерството за вооружените сили претставен денеска во Парламентот, францускиот извоз на оружје се зголеми за 30 отсто во 2018 година во споредба со 2017 година, за да достигне 9,1 милијарди евра, благодарение на Саудиска Арабија, јавува МИА.
– Тоа е „една од најдобрите бројки во последните 20 години. Тоа е за 50 отсто повеќе од просекот на нашиот извоз, кој изнесува околу шест милијарди евра. Оваа година, 25 отсто од нашиот извоз на оружје оди кон нашите европски партнери, во претходните години тоа беше во просек од само 10 отсто, рече министерката за војските, Флоранс Пари.
Белгија и Шпанија се меѓу првите пет клиенти на Франција во 2018 година, со договор за продажба на оклопни возила за Белгија и купување на 23 НХ90 хеликоптери за Шпанија.
Но, во текот на периодот 2009-2018 година, триото на најдобри клиенти на Франција се Индија, Саудиска Арабија и Катар, вклучувајќи и зголемување од повеќе од 50 отсто за само една година на продажбата на оружје за саудиската Влада, која учествува во контроверзната војна против бунтовниците Хути во Јемен.
Франција регистрираше 945 милиони евра нарачки на оружје од страна на Саудиска Арабија во 2018 година, речиси 408 милиони од Индија (5,5 отсто) и речиси 2,4 милијарди од Катар (117 отсто, благодарение на продажбата на борбени авиони Рафал и 28 хеликоптери НХ 90). Вкупно 4,975 лиценци за пренос во Европската унија или извоз надвор од ЕУ се издадени од француските власти, се вели во извештајот.
– Овие резултати го консолидираат местото на Франција меѓу првите пет светски извозници на оружје и покрај појавата на нови големи извозници како Кина, соопшти Министерството за вооружени сили. Опсерваторијата за вооружување, од своја страна, е загрижена поради фактот што речиси половина од францускиот извоз е концентриран на Блискиот Исток.
Според извештајот, збирот на годишните одбранбени буџети на глобално ниво достигна 1.780 милијарди долари (1.580 милијарди евра) во 2018 година, што претставува зголемување за речиси 5 отсто од 2017 година, што е највисока стапка на раст од 2008 година .