Француската амбасада во Скопје денеска ја објави Стратегијата на Франција за Западен Балкан, што произлезе по вчерашниот неформален самит на Германија и Франција со западнобалканските држави во Берлин.
Самитот се одржа на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларката Ангела Меркел, на кој присуствуваше и високата претставничка на Европската унија Федерика Могерини.
Како што наведува француската амбасада, состанокот беше можност да се разговара за предизвиците на европската перспектива на регионот и да се нагласи важноста на помирувањето, добрососедството и регионалната соработка.
Во Стратегијата на Франција за Западен Балкан се наведува дека регионот бележи значителен напредок од почетокот на 2000-тите и крајот на вооружените конфликти, но бројни реформи се потребни за да се овозможи регионот трајно да се стабилизира и да одговори на предизвиците со кои се соочува.
Меѓу предизвиците со кој се соочува регионот, во Стратегијата се наведени политичките нерешени спорови, иако, како што се наведува Преспанскиот договор претставува значаен напредок и пример за регионален дијалог, натаму економските и социјални прашања, тешкотии при трајното воспоставување на владеењето на правото, безбедносни прашања, како и надворешни влијанија кои го пренасочуваат регионот од својата европска перспектива.
– Врз основа на оваа забелешка, претседателот на Франција побара усвојување на конкретна стратегија за Западен Балкан, така што Франција ќе има поголем удел во стабилизирањето на шесте земји од Западен Балкан кои не се членки на Европската унија, за нивниот економски и социјален развој и за зајакнување на владеењето на правото, се наведува во документот.
Како конкретни мерки се посочува оти Франција ќе ги интензивира своите политички односи со земјите од регионот, и ќе ја зајакне својата билатерална соработка со земјите од регионот во четири области – eкономски и социјален развој преку интервенција на Француската агенција за развој (АФД).
– АФД ќе ја поддржи регионалната интеграција на земјите од Западен Балкан за да се помогне нивниот развој и стабилизација. Таа ќе ги поддржи транзициите во насока на одржлив развој, со приоритет на енергетската и еколошката транзиција, области во кои АФД ќе може да го валоризира своето искуство и француската експертиза, истовремено придонесувајќи кон климатските цели поставени од страна на француските власти. АФД ќе спроведува проекти во областа на родовата рамноправност и ќе ги поддржува помирувањето и младите преку Регионалната канцеларија за младинска соработка во Западен Балкан (РИКО) (основана според моделот на француско-германската канцеларија за млади ОФАЖ), се наведува во Стратегијата.
Се истакнува дека годишната помош обезбедена од АФД (првично 100 до 150 милиони евра) ќе служи како поткрепа за финансирање од други донатори, особено германската Кредитната институција за обнова (КфВ) со која тесно соработува.
Франција, се посочува во документот, ќе ја поддржи борбата против недозволената трговија со мало огнено оружје и лесно оружје и ќе ги спроведе француско-германските насоки за мобилизирање на земјите од регионот преку конкретни мерки. Ќе се воспостават постојани единици за разузнавање во областа на криминалитетот (UPRC).
– Борба против тероризмот и радикализацијата со поддршка за поставување платформи за пријавување на нелегални содржини на интернет. Зајакнување на нашиот механизам за оперативна соработка за прашања од внатрешната безбедност, се наведува во Стратегијата.
Натаму, Франција ќе ја продолжи техничката соработка во борбата против трговијата со дрога, трговијата со оружје и трговијата со луѓе и борбата против организираниот криминал и корупцијата. Ќе се воспостави нова соработка во областа на финансискиот и економскиот криминал, борба против трговијата со културни добра и заштитени видови, како и воспоставување заеднички истражни тимови со сите земји од регионот.
Во Стратегијата се наведува дека ќе се интензивира размената со земјите од регионот, преземањето на командувањето со операцијата ЕУФОР-Алтеа на 27-ми март, зголемена понуда за обука на офицери за земјите од Западен Балкан во француските училишта за обука, како и на државјани од овие земји во Институтот за високи студии за национална одбрана (IHEDN), како и поддршка за вклучување на земјите од Западен Балкан во заеднички мировни операции во странство.
– Стратегијата на Франција за Западен Балкан има за цел да ја поддржи и да ја надополни акцијата на ЕУ за поддршка на приближувањето на регионот кон Европа.Таа, исто така, ги надополнува активностите што се преземаат како дел од Берлинскиот процес, во кој Франција учествува од неговото основање и делумно ќе се спроведува во француско-германска рамка, се наведува во документот.