Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во вчерашниот голем народен бунт пред Владата во Скопје денеска ќе одржи средба со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
-Во рамки на широката консултација која започна да се реализира веднаш по добивањето на европскиот предлог, претседателот на Владата на РС Македонија, Димитар Ковачевски, во текот на утрешниот ден ќе ја одржи средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Оваа средба е дел од низата планирани консултативни средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство, соопшти Владата.
Во соопштението се потсетува дека по добивањето на предлогот од француското претседателство, премиерот Ковачевски одржал консултативни средби со лидерите на владината коалиција, со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите.
-Премиерот Ковачевски најави дека секоја одлука за предлогот ќе се носи низ дијалог и консултации во интерес на иднината на сите граѓани на Република Северна Македонија, се нагласува во соопштението.
Средбата, како што потврдија владини извори за МИА ќе се одржи во 15:00 часот во Клуб на пратеници.
Советот за безбедност ќе расправа за францускиот предлог
Претседателот Стево Пендаровски за денеска напладне во неговиот кабинет свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разгледува модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.
На седницата, покрај членовите на Советот за безбедност, ќе присуствува и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
По завршувањето на седницата на Советот за безбедност, предвидено е изјава да даде претседателот Стево Пендаровски, соопшти прес-служабата на шефот на државата.
И Ковачевски оди кај Пендаровски
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска ќе присуствува на седница на Советот за безбедност која ќе се одржи во 12:00 часот во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
На дневен ред на седницата, како што информираат од владината прес-служба, ќе биде модифицираниот предлог на француското претседателство за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.
На седницата, покрај членовите на Советот за безбедност, ќе присуствува и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
По добивањето на предлогот на француското претседателство, премиерот Ковачевски одржа консултативни средби со лидерите на владината коалиција, со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите. Премиерот Ковачевски најави дека секоја одлука за предлогот ќе се носи низ дијалог и консултации во интерес на иднината на сите граѓани на Република Македонија.