Доколку по скрининг процесот македонскиот Устав не е ревидиран, тоа значи дека процесот на европска интеграција моментално ќе биде запрен, се додека таа состојба не се промени, порачува францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Амбасадоре, по низата афери во правосудниот систем и слабите резултати во борбата против корупцијата, гледате ли вие политичка волја за справување со корупцијата и организираниот криминал во државата?
Она што е вистина е дека во текот на последните месеци имаше одредени настани коишто го предизвикаа вниманието и се поставија голем број прашања и сето тоа е предмет на следење од страна на меѓународната заедница, особено од страна на ЕУ поради причини коишто се сосема легитимни.
Она што јас би сакал да го кажам е дека треба да се гледа секоја ситуација посебно, затоа што не сметам дека сите афери коишто вие ги имате на ум, можеби се дел од корупцијата. Сметам дека има теми кои потесно се поврзани со прашањето на добро владеење, други прашања коишто се поврзани со поделбата на власта и треба внимателно да се набљудува секој случај по случај и она што може да создаде проблем е што сето ова предизвикува сомнеж, а во реалноста нас ни се потребни јасни знаци.
И уште еднаш ќе кажам дека се наоѓаме во земја каде што сите се свесни за важноста на оваа тема и мислам дека посебна важност ова прашање има и за ЕУ, затоа што владеењето на правото е во срцето на европскиот проект и во суштината на европскиот процес. Во тој поглед минатата недела беше организиран важен самит помеѓу ЕУ и земјите од западен Балкан во Тирана. На тој самит беше усвоена многу важна декларација и текстот може да го најдете на сите релевантни сајтови вклучително и на македонски јазик и во тој текст на повеќе наврати експлицитно и јасно се наведени барањата и очекувањата на ЕУ од сите земји на Западен Балкан во поглед на борба против организираниот криминал и корупција, но и функционирање на судството, јасна поделба на власта и добро владеење.