‘Англија и Франција треба да ја спасат Грција, и покрај нејзината волја. Поседувањето на Македонија ја тера Грција да се меша во сите словенски караници на Балканот. Поседувањето на Солун е пропаст за тоа големо пристаниште кое не може да живее без голема позадина. Да се загуби Македонија, а да се добијат острови и азиски територии, меѓу другите и Кипар, тоа е вистинскиот интерес за Грција, како што предвидел нејзиниот генијален државник Венизелос. Станува неопходно за сојузниците, посебно за Франција и Англија, да и ја наложат својата волја на Атина. Тие ќе успеат во тоа кога ќе ја ослободат Елада од паразитската династија која ги изневерува нејзините интереси во полза на Германија и која, за да се одржи, ги користи најлошите чувства на Грците – зависта и стравот. Лесно беше да се пристапи кон таа нужна операција во моментот кога кралот, кршејќи го уставот и сојузничкиот договор со Србија, го отпушти Венизелос, а и секогаш ќе може да се прибегне во земја каде што се почитува само силата и пред армија чии команданти претпочитаат да не се борат’, запишал во 1916 г. во својот извештај за Балканот и Македонија до француското Министерство за војна францускиот разузнавач Рене Пикард.

Пишува Дарко ЈАНЕВСКИ
‘Очекувајќи да се донесе некое конечно решение, можеби сепак би било добро да се прогласи провизорна автономија на Македонија под контрола на сојузниците. Ако ги победиме Бугарите, нашите војски ќе ја окупираат Македонија, како што ја окупираа грчка Македонија. Населението во Македонија не е всушност ни бугарско, ни српско, ни грчко…’
Ова се зборовите на Рене Пикард, содржани во неговиот извештај од два дела – ‘Иднината на Балканот’ и ‘Автономија на Македонија’ од август 1916 година, испратен од Второто биро на армијата до француското Министерство за војна. Пикард е француски разузнавач, упатен во Македонија во екот на Првата светска војна со цел да ја согледа ситуацијата на теренот и да даде свое мислење за иднината на регионот во кој свое место би нашле и француските интереси. Извештајот е откриен, а потоа преведен и објавен од страна на македонскиот професор, д-р Александар Апостолов, при неговото истражување во Париз пред речиси 50 години, кога всушност истекла забраната од 50 години за користење на овие материјали.
ГРЦИЈА НА ДВЕ СТОЛИЦИ, СРБИТЕ ПОПРВО ЌЕ ГО ДАДАТ БЕЛГРАД НА АВСТРИЈЦИТЕ, ОТКОЛКУ МАКЕДОНИЈА НА БУГАРИТЕ
Времето кога Пикард го пишувал извештајот, не е нималку розово за Франција. Таа се наоѓа среде Првата светска војна, на само еден месец пред големата кланица што ја донесе битката кај Сома, кога веќе е јасно дека на западниот фронт речиси е невозможно да се направат значајни поместувања на било која страна. Во таква ситуација на статус-кво на запад, постојат две големи опасности за сојузниците што и носат предност на Германија: поразите што Русија ги доживува на источниот фронт и идејата на Австро-Унгарија и Германија, со помош на Бугарија, да го наметнат своето влијание на Балканот и преку Константинопол, да создадат отворена линија до Багдад.
Во тоа време, Бугарија била на страната на Германија, откако сојузниците не успеале да ја привлечат кон себе поради спорот со Србија за Македонија. Франција и Британија се обидувале да ја натераат Србија на Бугарија да и го отстапи делот јужно од линијата Крива Паланка-Велес-Прилеп-Охрид, согласно нивниот договор од февруари 1912 година, на што, според проф Апостолов, во една прилика српската Влада одговорила: ‘Попрво ќе им го предадеме Белград на Австријците, отколку Македонија на Бугарите’.
Тоа ја оставило Бугарија надвор од сојузот со Франција и Британија, и практично ја внело во сојуз со Германија. Истовремено, Србија е раме до раме со Франција и Британија, а Грција, во време кога Пикард престојувал во Солун, значи летото 1916 година, се обидувала да држи неутрална позиција, а во суштина настојувала да седи на две столици: со стара Грција, онаа Грција во нејзините природни граници од Атина до Олимп, во тоа време раководел кралот Константин Први кој бил прогермански настроен, додека во грчкиот дел на Македонија, значи северно од Олимп, се слушал зборот на Венизелос, еден од најзаслужните што по Втората балканска војна Грција го добила лавовскиот дел од Македонија, кој настојувал Грција да застане на страна на Франција и Британија.
Поради ваквите спротивставености, Грција во 1916 година имала неутрална позиција, иако се смета дека таквата позиција и овозможувала да исчекува и да види кој ќе однесе превласта во војната, па согласно на тоа и да ја определи својата позиција.
Во такви услови, за сојузниците се јавила потреба од заштита на линијата Скопје-Солун и железничката пруга која оди по таа линија. Поради тоа, француската војска, која веќе се наоѓала во Егејска Македонија, на 13 октомври 1915 година, истиот ден кога Бугарија и обајвила војна на Србија, добила наредба да ја премине српската граница (денешната граница на РМ со Грција), и да ја штити траекторијата Скопје – Солун. Тоа и било сторено, но по двомесечни борби со бугарската војска и тешките загуби, Французите морале да отстапат и да се повлечат назад во Грција. Според истражувањето на проф. Апостолов од пред 40 години, тогаш тие доживеале посебно изнедување поради непријателското однесување на грчката војска кон нив и поради барањето на грчката влада силите на Антантата да ја напуштата грчката територија!

МАКЕДОНИЈА ВО ЗАМЕНА ЗА КИПАР

Отприлика тоа била глобалната ситуација кога Пикард и неговите луѓе започнале да ги прибираат податоците потребни за извештајот кој бил испратен во август 1916 година.
Всушност Франција се наоѓала во време кога требало да се направи избор на кој начин ќе се спречи германското влијание на Балканот. За таквата брана против Германците, на Франција и била потребна силна потпорна точка на Балканот, а таква едноставно немало: Грција, Пикард ја оценил како несерозен фактор и партнер, згора на тоа со прогермански крал и со влада која бара Франција да си замине од грчка територија; Бугарија веќе била на страната на противникот, а плановите на Франција со Србија биле насочени кон нејзино ширење на запад.
Спасоносното решение е пронајдено во Македонија, па во документот Пикард предлага таа да им се одземе на Грција, Србија и Бугарија:
‘Ако постои Бугарија, таа не би можела да биде елемент на стабилност на Балканот, дури и ако добие задоволување во Македонија. Навистина, проблемот е деликатен. Невозможно е да им се одземе Македонија на Србите во моментот кога ги подготвуваме заедно со нашите војски повторно да ги заземат своите огништа. Такво решение е можно подоцна, тогаш кога Австрија и Унгарија, како победени ќе бидат принудени да им дадат на југословенските провинции слобода да располагаат сами со себе и со својата иднина. Во тој случај, Србија би станала хегемон на една голема југословенска конфедерација. Тогаш би било полесно да ја натераме да се откаже од Македонија преку создавање на еден балкански сојуз. Држењето на грчката влада спрема нас е такво што нејзиното спротивставување во никој случај не би ја попречило намерата на сојузниците за устројството што ќе сакаат да го наметнат на македонските територии’, напишал Пикард.
Значи, тој предлага создавање автономна Македонија во нејзините природни граници кои ги определува на југ до Олимп, на исток до Тракија и Родопите, на запад до Дебар и Шар Планина, на север до Куманово. Фактот што Македонија е поделена меѓу Грција, Србија и Бугарија не го смета за проблем зашто поаѓа од тоа дека Бугарите ќе бидат поразени во војната, на Србите ќе им се понуди хегемонија во една југословенска држава, па така би добиле компензација за отстапување на Македонија, а за Грците Пикард троши најмалку зборови со оглед на нивната улога во војната од која очиглидно Французите се крајно разочарани.
‘Англија и Франција треба да ја спасат Грција, и покрај нејзината волја’, продложува францускиот разузнавач. ‘Поседувањето на Македонија ја тера Грција да се меша во сите словенски караници на Балканот. Поседувањето на Солун е пропаст за тоа големо пристаниште кое не може да живее без голема позадина. Да се загуби Македонија, а да се добијат острови и азиски територии, меѓу другите и Кипар, тоа е вистинскиот интерес за Грција, како што предвидел нејзиниот генијален државник Венизелос. Станува неопходно за сојузниците, посебно за Франција и Англија, да и ја наложат својата волја на Атина. Тие ќе успеат во тоа кога ќе ја ослободат Елада од паразитската династија која ги изневерува нејзините интереси во полза на Германија и која, за да се одржи, ги користи најлошите чувства на Грците – зависта и стравот. Лесно беше да се пристапи кон таа нужна операција во моментот кога кралот, кршејќи го уставот и сојузничкиот договор со Србија, го отпушти Венизелос, а и секогаш ќе може да се прибегне во земја каде што се почитува само силата и пред армија чии команданти претпочитаат да не се борат’, запишал Пикард.
Со тоа, за историјата оставил забележани неколку факти: прво, дека во Грција, созјуничката опција, наспроти германската на кралот, нема проблем да се откаже од Македонија во замена за Кипар и азиски територии; и второ дека ‘херојската’ грчка армија всушност ја водат команданти кои воопшто не сакаат да се борат. Затоа, вели Пикард неопходно е да се создаде автономна Македонија, околу која потоа би можеле да се врзат во една балканска федерација сите други околни држави, а центарот би бил во Солун, во Македонија.

НИ БУГАРИ, НИ СРБИ, НИ ГРЦИ

Дали е тоа изводливо? Зар не е Македонија грчка? На прашањето Пикард дава одговор во вториот дел од извештајот со наслов ‘Автономија на Македонија’:
‘Идејата за македонска автономија им е блиска на сите кои ја познаваат балканската историја. Ако се обидеме да ги прашаме христијаните од Македонија, би ни одговориле дека автономијата за нив е најпожелното решение. Има и фактички секогаш имало Македонија и македонски дух… Христијанското селско население е словенско. Познато е дека тоа не е наполно бугарско, макар да се приближува повеќе кон Бугарите, ниту наполно српско. Самите Бугари признаваат дека Македонците се разликуваат од другите Бугари со тоа што се со пожив дух, повеќе се запалени со политика и интриги и повеќе склони кон ораторство и уметност, исто така се поитри, со еден збор тие се малку еленизирани. Во Софија македонските политичари се опасни; многумина Бугари од стара Бугарија со задоволство би дочекале македонските Бугари да се вратат во Македонија. Тие ги обвинуваат дека им ограбуваат се’, служби и привилегии. Мнозина од Балканците се на мислење дека на Балканот не ќе има мир и стабилност додека не се создаде една автономна Македонија. Во секој случај, веројатно е дека создавањето на автономна Македонија би придонело бргу да се развие македонски патриотизам и дух’, тврдел Пикард.
Според него, автономијата на Македонија би имала најмногу приврзеници пред се во Солун, посебно меѓу еврејското население, бидејќи градот бил упропастен откако Грците, кои имаат други пристаништа, завладеале со него. Но, значењето на Солун е многу поголемо од тоа што го има под грчка власт. Географската положба на Солун, вели Пикард, му обезбедува важно економско значење, што му носи и соодветна политичка тежина. Затоа, Пикард заклучува:
‘Може да се тврди дека или никогаш не ќе има балканска федерација или дека Солун ќе биде во неа во исто време пристаниште, економски и интелектуален центар. Мошне добро би ја погледнал иднината на Солун како слободен град, престолнина на автономна Македонија и центар на балканска федерација… Засега Грците се господари на Солун и цела Јужна Македонија. Нивното поведение кон нас и кон нивните сојузници, напуштањето на здравата политика за да се затворат во еден тесен, несмотрен и кукавичен егоизам, не придонесуваат да ги направиме големи и против нивната волја. Докажано е дека тие не се на висина на својата среќа што би можеле да ја достигнат – и следователно, неспособни да го преземат управувањето на балканската федерација; нивната периферна положба, впрочем ги исклучува од федерацијата… Ако разумно ги анализираме нештата и создадеме една автономна Македонија, тоа е единствениот начин да не дозволиме Солун да падне во рацете на грчкиот непријател. Тоа е аргументот кој треба да се истакне на г. Венизелос, ако треба, за да се смали Грција барем во Европа. (Операцијата би можела да се изведе преку замена, на пример, за Кипар и земји во Азија). Нека не се повикуваат на тоа дека со истоварувањето на созјуниците во Солун, тие ја презеле обврската да ја предадат на Грција цела Македонија’, истакнува Пикард.
Што се однесува до Бугарите, тој смета дека по нивниот пораз во војната, тие ќе ја сменат страната, но не така што ќе им се даде Македонија:
‘Ние ќе го држиме во наши раце залакот што го посакуваат, за кој водеа војна. Ако по еден пораз, во секој случај неизбежен, тие се ослободат од царот Фердинанд и побараат мир, ние не ќе им ја дадеме Македонија, туку разумно ќе се помират кога ќе гледаат како станува автономна под наша закрила, отколку да ја видат во рацете на Србите или Грците, а идните можности нема да бидат затворени и Македонија ќе стане мамка што ќе ги привлече во една балканска федерација…’, напишал францускиот разузнавач.

ЗОШТО НЕ СЕ ОСТВАРИЛО?
Прашањето за српска Македонија, тој го смета за поделикатно од прашањето за грчка Македонија, поради отворената поддршка и сојузништво што во Првата светска војна владеело меѓу Франција и Србија. Решението би се нашло во ширењето на Србија кон Босна, Хрватска и Црна Гора, односно во создавањето на Југославија, под српска хегемонија (што и беше направено по војната), по што Србите би се откажале од Македонија, во полза на нејзината автономија. Потоа, Македонија би станала дел од заедничката балканска федерација. Тоа, вели Пикард, е единствениот начин во иднина да се обезбеди мир на Балканскиот Полуостров. И завршува со следните реченици:
‘Да внимаваме на сите решенија кои нема да доведат до востановување на доволно јаки сили за да ја зголемат пречката пред германскиот притисок. На Балканот не се потребни ситни држави како прашина; тоа е желба на Германците некогаш формулирана од Бизмарк, туку е потребна една јака сила. Давајќи и го Солун на која било мала балканска нација, да не ја пропуштиме приликата, но важната прилика, дека треба да создадеме на Балканот една сила способна да се смета во Европа како голема сила и да им влева почит како на Германците, така и на Русите. Во основа, тоа би бил еден солиден српско-романски сојуз (од 25 милиони жители) доволно силен за да му се присоедини Бугарија, најнапред со договор, а подоцна, можеби, по федеративен пат. Грција малку ќе биде важна за иднината на Балканот. Таа за секогаш ја пропушти приликата да стане голема. Македонија ќе игра голема политичка и економска улога и ќе биде за сојузниците средство преку кое тие ќе се мешаат во работите на Балканот, и не ќе можат да ја напуштат по победата, зашто скапо ги чинеше што еднаш веќе го направија тоа’, завршил Пикард.
Зошто ова не се остварило? Во својот вовед при промовирањето на преведениот документ во 1971 година, д-р Апостолов истакнал дека причините за тоа ‘се подлабоки и бројни’. Меѓу нив, тој ги наведува следните:
– Кога ваквиот став беше формиран, исходот на војната се уште не беше познат, а Централните сили постигнуваа успеси на фронтовите;
– Во 1916 година царска Русија се уште се наоѓаше во војна како членка на Антантата, па се допушташе дека треба да стане господар на Протоците (Босфор и Дарданелите). Ако тоа се оствареше, тогаш само со автономна Македонија и балканска федерација под влијание на западните сили, членки на Антантата, ќе можеше да се спречи и руското и германското влијание на Балканот;
– Октомвриската револуција ја измени оваа ситуација, па по поразот на Германија и симнувањето на Русија од сцената, опасноста за Протиците веќе не постоела, но затоа се јавила друга опасност: со одземање на Македонија од рацете на балканските земји, а под влијание на Октомвриската револуција, да се испровоцираат револуционерни процеси и кај нив. Така, со жртвување на Македонија, западните сојузници всушност започнаа да се бранат од болшевизмот на Балканот.
Сепак, и без тоа, овој документ сведочи за една сосема поинаква позиција на Франција и во однос на Грција и во однос на Македонија, од таа што денес ја промовира сопругот на Карла Бруни, а што всушност и не е никаква новост, туку има свој континуитет од времето на Франсоа Митеран. Но, од земја која го прокламираше принципот ‘слобода, братство, еднаквост’, а која е способна самата да му се потсмева на тој принцип, и не треба повеќе да се очекува.

Грчката улога
ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА И ПРИЈАТЕЛСТВОТО СО ФРАНЦИЈА
Во март 1913 година, Александар Шинас извршил атентат над кралот Џорџ во Солун. По ова на тронот седнал неговиот син Константин И, првиот грчки крал роден во Грција (Џорџ бил од Данска) и со православна вера. Константин бил оженет за сестрата на германскиот Кајзер Вилхем, се школувал на Пруската воена академија и нормално, бил прогермански настроен. Додека Елефтерос Венизелос, еден од најголемите грчки државници и еден од најзаслужните што Грција без многу мака, но и со невидени злосторства во 1913 година доби 51 отсто од територијата на Македонија, сакал да влезе во војната на страната на Британците и Французите, Константин настојувал Грција да остане неутрална, тврдејќи дека земјата е уморна по Балканските војни. Британците ги понудиле Смирна и Кипар ако Грција влезе во војната на страната на Антантата. Подоцна понудата била зголемена и го опфаќала дури и Константинопол, иако тој бил резервиран за царска Русија. Поради ова, Константин го распуштил парламентот и закажал избори на кои победила опцијата на Венизелос, по што следело ново распуштање на парламентот поради одбивањето на кралот да го прифати Венизелос и да влезе во војна против Германија.
Бугарија во Првата светска војна влегува во октомври 1915 година како сојузник на Централната оска – Германија и Австро-Унгарија. Поради ова, истата година Франција и Британија се истоваруваат во Солун и ја окупираат Македонија, по што Венизелос создава еден вид паралелна власт на кралот. Така, на Константин му останува да владее со стара Грција, а Венизелос ја презема власта во Македонија. Во август 1916 година, додека на западниот фронт се одвива битката на Сома, една од најкравите во Првата светска војна, грчката војска и жандармерија бараат од Венизелос да воспостави про-револуционерна влада во Солун, под француска заштита. Во декември 1916 година, Французите ја окупираат Пиреја, ја бомбардираат Атина и ја принудуваат грчката морнарица да се предаде. Трупите верни на кралот пукаат во Французите, што доведува до битка меѓу Французите и грчките ројалисти. На крајот, Константин ја напушта земјата, без фактички да абдицира, а неговото место го зазема синот Александар. Венизелос влегува во Атина во јуни 1917 година, по што конечно, грчките трупи им се приклучуваат на сојузниците. Инаку, кралот Александар умрел во 1920 година, каснат од мајмун.
Грчките воени загуби во Првата светска војна изнесуваат околу 26.000 лица што е 10 пати помалку од српските загуби или 8 пати помалку од бугарските.

Независност на Грција
БЕЗ МАКЕДОНИЈА – ДВЕ ПЕДИ ЗЕМЈА
Деновиве Грците прославија 187 години од започнување на револуцијата за ослободување од Отоманската империја, која благодарение на Британците завршила во 1828 година. Иако првиот грчки Устав е донесен веќе во 1822 година, се смета дека поновата историја на Грција започнува со признавање на нејзината независност од Отоманската империја во 1832 година.
Првиот лидер на независна Грција, Јоанис Каподистриас бил убиен во 1831 година. Со асистенција на Обединетото Кралство, Франција и Русија, наредната година во Лондон Грција е прогласена за монархија, а за нејзин прв крал е одреден принцот од Баварија,17-годишниот Ото од Вителсбак. Тој стигнал во Грција во 1833 година со британски воен брод.
Во 1862 година поради спор меѓу кралот и премиерот Константин Канарис се случуваат воени нереди по што Ото ја напушта Грција. Грците тогаш побарале крал да им биде некој од британското кралско семејство, но тоа било спречено, па местото на Ото го зазел Данецот Џорџ И, кој во 1863 година кога седнал на тронот, како своевремено и неговиот претходник, имал само 17 години. Тој владеел до 18 март 1913 година кога на возраст од 67 години врз него е извршен атентат.
Го наследил прогерманскиот крал Константин Први со кого Грција ја дочекала Првата светска војна.