И покрај напредокот на видео понудите на разни интернет-платформи, Французите и натаму одат во кино, јави МИА.
Петта година по ред, посетеноста на кината во 2018 година надминува 200 милиони купени влезници, поточно 201,1 милион влезници, што е за четири отсто помалку отколку во 2017 година (209,4 милиони), според статистиката на Националниот центар за кино и анимација (ЦНЦ).
– Ние сме сведоци на доста добри постигнувања на салите, т.е. на француските филмови. Киното е омилена културна рекреација на Французите. Речиси две третини од нив посетуваат кино најмалку еднаш годишно, истакна Фредерик Бредин, претседателка на ЦНЦ.
Посетеноста на киното е приближно пропорционала со возраста на публиката. Оние што најмногу одат в кино се луѓето на возраст над 50 години (32,8 отсто), потоа – оние 25-49 години (31,4), 3-14 години (17,7) и 15-24 години (15,4 проценти).
ЦНЦ, исто така, открива дека Французите повеќе сакаат да гледаат домашна продукција. Во 2018 година, 11 француски филмови забележаа над еден милион гледачи, а три од нив имаа повеќе од четири милиони поетители: „Лес Тиш 3“, „Семејството Ла Шти“ и „Големата бања“. Во исто време, 27 американски филмови заедно бележат повеќе од милион гледачи.
Со понуда од 22.000 прикажувања дневно на 5.981 киноекран, Французите одат во кино повеќе отколку нивните соседи, пред сè Британците, Данците и Шпанците. Германците се оние кои најмалку одат в кино. Вкупно во 2018 година, европските кина имале 955 милиони посетители.
Интернет-понудата и репризата на програмите постојано напредуваат: – Понудата „Кога сакате, каде сакате“ доминира меѓу сите генерации. На тој начин, сериите се најгледани на интернет-телевизиите за 2018 година, изјави Бредан.