Земјите-членки на ЕУ во март годинава се согласија да започнат пристапни преговори со Албанија и Македонија, но за Македонците преговорите би можеле да бидат завршени уште пред да започнат – поради блокадата на соседна Бугарија, која е членка на ЕУ од 2007 година, наведува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во текст под наслов „Вие не сте она што мислите дека сте“.
Авторот на текстот, новинарот Михаел Мартенс, потсетува на документот што Владата на буграскиот премиер Бојко Борисов им го достави на своите партнери во ЕУ со условите кои Македонија мора да ги исполни соцел Бугарија да се откаже од ветото на започнување на пристапните преговори.
Нешто такво веќе и е познато на С. Македонија, пишува весникот и потсетува дека Скопје, по барање на Грција мораше да го смени името на државата во Северна Македонија во 2018 година, затоа што „наводно, според грчката позиција, Македонија е термин што се поврзува со Александар Македонски, па затоа и Македонците, кои се Словени, немаат право на тоа“.
– Широко распространетата позиција во Бугарија е дека македонскиот јазик не постои и дека тој е западнобугарски дијалект. Така, Бугарите бараат за време на пристапните преговори, во сите документи да смее само да се споменува „официјалниот јазик на РС Македонија“, наведува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Авторот понатаму пишува и за „македонскиот идентитет“, кој, според Бугарите, постои само од 1944 година и кој е „создаден со диктаторски средства“ во Титова Југославија „за Македонците да заборават дека се Бугари“.
– Скопје мора да се согласи на тоа и на многу повеќе ако сака да влезе во ЕУ – е ставот на Бугарија. Во исто време, С. Македонија не може повеќе да тврди дека во Бугарија има македонско малцинство. Исто така, мора да се откаже од тврдењето дека од 1941 до 1944 година била под фашистичка окупација на Бугарија. Тогаш се поставува прашањето што било во тоа време – затоа што, Бугарија како сојузник на Хитлер, учествуваше во нападите врз Грција и Југославија, поради што беше наградена со можноста да окупира големи делови од денешна С. Македонија. Денешната позиција во Бугарија и понатаму е дека овие територии не биле окупирани, туку „ослободени“, додава весникот.
Според франкфуртскиот весник, Скопје досега реагираше воздржано на ваквите ставови.
– Поранешниот министер за надворешни работи, а сега вицепремиер, Никола Димитров, истакна дека во 21. век во Европа на една нација не може да и се забрани самоопределувањето. Но, тоа не ја импресионира Софија. Секој што верувал дека во Европа не може да дојде до поапсурден конфликт од спорот за името на државата иницирано од Атина, а кој во меѓувреме е надминат, би можел наскоро да биде демантиран. Во секој случај цената ја плаќаат Македонците, заклучува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.