Тврди дека има повеќе од 90 милиони членови, но начинот на кој владее со втората светска сила е обвиткан во тајност. Нетранспарентноста е белег на Комунистичка партија на Кина (КПК), која на 1 јули прослави стогодишнина, објави АФП.

Созадена во илегала, КПК останува верна на своите марксистичко-ленинистички корени, а нејзиното внатрешно функционирање е скриено од надворешните погледи, пред се поради што ја монополизира моќта и јавната дебата во Кина.

Ова „најголемо тајно друштво во светот“, како што е дефинирано од Жан-Пјер Кабестан, живее во симбиоза со државата. Во оваа ситуација, тешко е да се процени нејзината доминација врз земјата одделно од нејзината доминација над администрацијата, бидејќи во голем број јавни згради се сместени и државните и партиските тела, а многу вработени имаат функции и во Комунистичка партија на Кина.

Кога е формирана?

Според офицјалната историја КПК не е формирана на 1 јули 1921 година, туку на 23 јули, на првиот „конгрес“ со 13 учесници, собрани во најстрога тајност во поранешната француска колонија Шангај. Дваесет години подоцна, несигурен во точниот датум, идниот основач на Народната Република, Мао Це Тунг, произволно објави дека годишнината е на 1 јули.

Кој членува во КПК?

Партијата тврди дека има 92 милиони членови, но нивните списоци остануваат непознати. Понекогаш превезот се крева, како во 2018 година, кога во медиумите беше објавено дека најпознатиот кинески мултимилионер Џак Ма е член на КПК.

Организацијата е „само“ втора по големина политичка партија во светот по индиската партија „Баратиа џаната“  (Bharatiya Janata Party) на премиерот Нарендра Моди, за која се верува дека брои 180 милиони членови.

Како се финансира партија?

Буџетот на КПК не е објавен.

Партијата има свои средства од членарина (од 0,5 до 2 проценти од приходите на секој член). Во 2016 година, во официјална публикација, се споменува дека членарината од претходната година изнесува 7,08 милиони јуани (околу 920 милиони евра).

Сумата поделена на бројот на членови, покажува дека еден член плаќа помалку од 80 јуани (10 евра) годишно.

Нејзиниот имот е исто така обвиткан во магла. Но, партијата раководи со цела финансиска империја, а исто така директно управува со бизниси, хотели и фабрики, изјави Жан-Пјер Кабестан од Баптистичкиот универзитет во Хонг Конг.

Што се однесува до платите на партиското раководство, за нив ништо не се знае, иако партиските кадри генерално се изедначени со вработените во државната администрација. Сепак, голем број од нив добиваат бенефиции (канцеларија и автомобил, домашни помошници и така натаму), што не влегуваат во нивните основни плати.

Прашањето за богатството на највисоките кинески лидери е уште поделикатно, а странските медиуми кои ризикуваа да го покренат ова прашање во 2012 година се санкционирани од режимот.

И во самата Кина, антикорупционерот Сјуи Чајуон, кој инсистираше на транспарентност за имотниот статус на оние што се на власт, беше осуден во 2014 година на четири години затвор.

Тајни состаноци

Големи јавни форуми на партијата, како што се нејзините конгреси, свикувани еднаш на секои пет години, редовно завршуваат со речиси едногласни одлуки.

Спротивно на тоа, состаноците на Централниот комитет (со 200 члена) и на Политбирото (со 25) се одржуваат зад затворени врати; Националната телевизија само ги емитува монолозите на генералниот секретар Си Џинпинг. Дебатите, доколку ги има, нема да бидат објавени во јавноста или резултатите од какво било гласање.

Внатрешните тензии во партискиот апарат можат да се интензивираат, што беше покажано во 2012 година со отстранувањето на растечката ѕвезда на режимот Бо Силаи, ривал на Си Џинпинг.

За разлика од поделбите во западните демократии, „прикривањето на внатрешните тензии му дава на КПК можност да демонстрира челично единство против своите непријатели и непријателите на Кина“, објасни Кабестан.

Колку жртви?

Според проценките на повеќето странски историчари во Кина, од 40 до 70 милиони луѓе починале како резултат на политиката на партијата од нејзиното доаѓање на власт во 1949 година (чистките, гладот ​​предизвикан од Големиот скок напред, репресијата во Тибет, Културната револуција, масакрот на плоштадот Тјенанмен и така натаму).

На прашањето на АФП, организацискиот оддел на КПК не одговори колкава е официјалната бројка на жртви.