Првата пратка пченица пристигна во Сирија по соборувањето на претседателот Башар ал Асад во декември. Бродот што го испорача житото најверојатно е руски, објави агенцијата Франс прес.

Новите сириски власти објавија на Фејсбук дека брод натоварен со 6.600 тони пченица се закотвил во пристаништето Латакија. Тие не прецизираа која земја го испратила житото.

Сепак, сириските власти објавија фотографија од бродот, кој, според специјализираната веб-страница „Marine Traffic“, плови под руско знаме и кој на почетокот на месецов тргнал од пристаништето Ростов на Дон, јужна Русија.

Пред избувнувањето на граѓанската војна во 2011 година, Сирија ја произведуваше потребната количина пченица, потсетуваат агенциите. Меѓутоа, по почетокот на конфликтот, жетвата се намали и земјата почна да станува сè позависна од увоз, особено од Русија, која беше главен сојузник на Асад и на крајот го засолни откако беше соборен.