Француската економија се намали за 0,2 проценти во третиот квартал од 2026 година по стагнирањето во претходниот квартал, а кумулативниот раст на БДП од почетокот на годината изнесуваше само 0,1 проценти, според конечните податоци објавени денеска од Националниот институт за статистика и економски истражувања.

Франција веќе влезе во техничка рецесија, според пресметката на весникот „Фигаро“ врз основа на детални податоци за трендовите на БДП бидејќи економската активност малку се намали и во вториот и во третиот квартал од 2026 година.

Сепак, официјалното соопштение на институтот се однесува на вториот квартал од 2026 година како период на стагнација бидејќи падот беше занемарлив и заокружен на нула.

Куповната моќ на домаќинствата се подобри во третиот квартал од 2026 година, во плус за 0,2 проценти по падот од 0,5 проценти во претходниот квартал, а стапката на штедење остана непроменета на 17,4 проценти од расположливиот доход. Инвестициите продолжија да паѓаат, овој пат за 0,9 проценти.

Францускиот извоз се намали за 1,6 процент, увозот стагнира, па затоа надворешната трговија негативно влијаеше врз БДП.

Владата во Париз претходно постави цел од 0,5 проценти економски раст за Франција во 2026 година, но ова сега не изгледа сосема реално, јавија француските медиуми. За да се постигне оваа цел, француската економија би морала да забележи силен економски раст од 1,6 процент во четвртиот квартал од 2026 година.