Создавањето на „Ѕидот од дронови“ мора да биде заедничка европска цел, бидејќи во спротивно ќе бидеме поделени, што не е вистинскиот начин за Европа да се движи напред, изјави денеска данската премиерка Мете Фредриксен пред почетокот на денешниот неформален Самит на ЕУ во Копенхаген.

– Мислам дека мора да ја напуштиме нашата национална перспектива. Војната во Украина треба да ја гледаме не како војна во една европска земја, туку како руска закана за сите нас. Значи, ако ја гледаме Украина од европска, наместо од национална перспектива, ако ја гледаме руската хибридна војна од европска, наместо од нашата национална перспектива, тогаш мислам дека сите мора да бидеме на иста страна и мора да се вооружиме, рече Фредериксен, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.

Според неа, руската хибридна војна е реалност и тоа може еден ден да го видиме во Полска, друг ден во Данска, каде летаат дронови, како и во многу други различни „видови епизоди“.

– На тоа гледам од европска перспектива. Има само една земја што сака да ни се заканува, а тоа е Русија и затоа ни треба многу силен одговор на тоа, истакна Фредериксен.

Таа нагласи дека природата на хибридната војна е во исто време да се појавуваат различни закани и саботажи на многу различни места, па затоа Европа не смее да биде ранлива и неподготвена и мора да направи многу повеќе за да се заштити од ваквите активности.

Според неа, тоа е особено важно ако се земе предвид дека војната во Украина е многу сериозна, а Европа се наоѓа во најтешката и најопасна ситуација од завршувањето на Втората светска војна.

Фредериксен додаде дека ја поддржува идејата на Европската комисија за т.н. украински „Заем за репарации“, со која се предвидува исплата на кредит на Украина од замрзнатите руски средства, кој земјата би го вратила откако Русија ќе и исплати репарации за предизвиканите штети со инвазијата.

– Европа треба да направи повеќе и по прашањето на финансирањето и мислам дека идејата на Комисијата е всушност доста добар чекор напред. Секако има некои правни прашања што треба да се разгледаат, но уверена сум дека ќе најдеме начин да го надминеме тоа, рече Фредериксен.

Таа нагласи дека главни теми на денешниот Самит ќе бидат безбедносните и одбранбените мерки, вклучително и оние поврзани со упадите на дронови, поддршката за Украина, кои и прашањето за миграцијата.

Фото: Принтскрин