Тоа беа тешки „апчиња“ за голтање од македонските граѓани, Бугарија се однесуваше повеќе како колонијална сила отколку како членка на ЕУ, вели поранешниот евроамбасадор во Скопје Ерван Фуере во интервју за ТВ Алсат.
– Морам да кажам дека сум малку изненаден, на пример, од обврската на Владата да направи уставни измени за да го признае постоењето на бугарската заедница во државата. Изненаден сум што нема отпор од Владата за да се обезбеди реципроцитет по ова прашање, бидејќи сите знаеме дека Бугарија и понатаму одбива да ги признае и спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права во однос на признавањето на македонската заедница во Бугарија, додава тој
Фуере вели дека затоа, ова ќе остане прашање за поделби во македонското општество и тоа е разбирливо.
– Исто така и прашањето дека сега некои делови од Договорот за добрососедство се дел од преговарачката рамка и мислам дека тоа навистина создава нова невидена ситуација во процесот на проширување. Токму поради недостатокот на реципроцитет за признавање на заедниците во Македонија и Бугарија, мислам дека е срамно што ЕУ дозволи тоа да се случи затоа што која е целта на овој суд доколку не се почитуваат неговите одлуки, рече Фуере.