Расте револтот кај граѓаните откако вчера премиерот Димитар Ковачевски повторно ретерираше од своите изјави, а во врска со ново законско решение со кое ќе се скратат енормно високите плати на функционерите.
Имено, премиерот Ковачевски се предомисли и нема да ги крати платите на функционерите.
Уставниот суд на седница на 23 мар донесе одлука за укинување на две законски одредби од Законот за плати и надоместоци на функционерите со што платите на 1060 функционери се зголемија за 78 проценти.
Во април годинава, премиерот Ковачевски ваквото покачување го нарече како одлука на Уставниот суд која според него е конечна.
Одлуката на Уставниот суд за зголемување на платите на функционерите за 78 проценти е конечна. Тоа не значи дека автоматски ќе се покачат платите. Владата работи на нов Закон за плати со која ќе се стави конзистентност во исплатата на плати за сите функционери во државата, изјави тогаш Ковачевски.
Иако премиерот Ковачевски се бранеше дека одлуката ја носи Уставниот суд, а не Владата, и покрај тоа што владата дала негативно мислење за укинување на двете законски одредби, сепак никој не веруваше во таа негова изјава.
Големото незадоволство на граѓаните беше истакнато и преку големиот број на анкети кои го мерат јавното мислење на граѓаните каде што рејтингот на владата на СДСМ и Ковачевски кој драстично опаѓа. Сето тоа на некој начин го “натера“ Ковачевски ваквата изјава да ја промени, па вети дека преку работни групи ќе бараат решение за ваквата одлука на Уставниот суд се со цел да се најде прифатливо решение и најави намалување на функционерските плати.
Но, речиси повеќе од осум месеци подоцна, Ковачевски освен ретерирање од сопствените ставови и промена на сопствените изјави, нема ништо од најави кратење на платите на функционерите.
Носењето на решение кое го прекршува системот за плати во јавниот сектор ќе значи веднаш реакција. Отворена е дискусија како треба да изгледа моделот. Министрите ќе работат за да дојдат до решение, со цел да се постигне усогласување на платите на поприфатливо ниво, а истовремено да биде издржливо. во наредната недела или две ќе излезат со решение кое ќе биде на седница на влада, па потоа ќе биде испратено во Собрание, изјави Ковачевски во средината на месец октомври.
И по осум месеци, и по неколку пати помпезно најавуваното законско решение се уште нема ништо. Напротив премиерот Ковачевски повторно се предомисли и вчера најави дека сепак високите плати на функционерите не можат да ги намали, што практично значи уште една лага.
Нема да се намалуваат функционерските плати. Се закон примањата на судиите, обвинителите и пратениците не смеат да се корегираат надолу, а тие се речиси 800 од вкупно 1. 060 избрани и именувани функционери, вели премиерот Ковачевски. Работната група која требаше да најде начин како да се скратат покачувањата за 78% се уште нема доставено предлог, бидејќи со закон одредени плати не можат да се намалат, изјави вчера Ковачевски.
За тоа дека премиерот и неговите соработници немаат консолидиран став по однос на едно прашање, потврдува и изјавата на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пред неколку месеци кога рече дека не може со еден закон да се промени платата на функционерите, туку дека се потребни измени на 7 законски решенија, како и дека со помош на работни групи ќе се достави предлог до владата а на крај истиот ќе биде доставен и во Собрание.
„Измената во еден закон значи дерогирање на одредени права од друг закон што е противуставно. Работната група го разгледува тоа и набргу ќе има предлог за пред Владата, а потоа да биде проследен и до Собранието“, изјави вицепремиерот.
И вицепремиерот Битиќи се предомисли и најави дека намалување на функционерските плати мора да има, но бранејќи дека тоа не може да се случи преку ноќ.