Бидејќи сме наследници на познатата Охридска архиепископија, ословувањето со тоа име од страна на грчкиот блок од православните цркви не ни претставува проблем

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во интервју за белградска „Политика“ вели дека не е проблем што грчкиот блок од православните цркви ќе ја нарекува нашата црква само Охридска Архиепископија, а не и Македонска православна црква.

„Свесни сме за чувствителноста на прашањето на ова наше име кај грчкиот блок од православните цркви. Затоа, нема да бараме од нив да не викаат со името што не го сакаат. Бидејќи сме наследници на познатата Охридска архиепископија, ословувањето со тоа име од нивна страна не ни претставува проблем. Сепак, убеден сум дека и браќата архиереи ќе сфатат дека ние самите не можеме да се нарекуваме никако поинаку освен Македонци, т.е. дека нашата црква за нас е колку македонска толку и охридска. Тука веројатно ќе има работи кои ќе мора да се решаваат, но верата и љубовта може и планини да поместат. Ако двете страни покажат дека делуваат со љубовта Христова, лесно ќе дојде до договор меѓу грчката црква и нашата, македонска црква“, вели архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во интервју за „Политика“.

Препознавањето на непобитниот факт за стварноста на македонската црковна самостојност, е од големо значење и за нас, а уверен сум и воопшто, за сесветското православие. За нашата ерархија и верен народ, неможноста евхаристички да заедничариме со нашите едноверни браќа и сестри од останатите помесни православни Цркви претставуваше отворена рана. Решавањето на нашиот канонски статус, еве, неа ја залечи!, вели архиепископот Стефан.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во ова прво интервју на еден поглавар на МПЦ-ОА за српски медиум, г.г. Стефан нагласува дека сега се отвора можност за проширување на многуобразна соработка на нашата со останатите помесни цркви и оти сето тоа ќе даде голем плод.

– Можеби нашето признавање на прв поглед нема да смени многу нешта во нашата Црква, зашто таа и досега внатрешно функционираше како и секоја друга помесна Црква, исповедајќи ја истата света вера во воплотениот и воскреснатиот Богочовек Христос, го имаше истиот богослужбен живот, принесувајќи го истиот евхаристиски принос. Меѓутоа, сосема е природно дека многу нешта ќе се подобрат поради обновата на нашето заедничарење со сеправославната екумена. Секоја средба облагородува и обогатува, а особено тоа го чинат заедничкото литургиско благодарење, заедничката молитва и меѓусебните разговори со собраќата од другите помесни Цркви, додава г.г. Стефан.

Според него, признавањето на МПЦ-ОА ќе им биде од полза и на сите православни цркви, затоа што „знаеме дека и македонско православие и Македонија воопшто имаат што да му покажат на православниот свет“.

– Заради стигмата на одвоеноста, бројни богобаратели од целиот свет биле обесхрабрувани да ја посетуваат Македонија. Отсега тоа ќе се менува и во годините пред нас мнозина ќе добијат можност да го видат нашето духовно богатство, нашите древни цркви и манастири, фрески и икони, да ја видат красотата на нашето помесно православие, да ја видат Македонија и да се уверат дека нашиот народ пулсира со ритамот на православието и дека македонската земја слободно може да се нарече земја црква и земја на крстот, потенцира архиепископот Стефан.