Унгарско-канадскиот лекар и автор на бестселери Габор Мате, во повеќе свои јавни настапи објаснува дека хормоните на стресот (кортизол, адреналин) еволуирале како краткорочен механизам за преживување, “бори се или бегај”. Проблемот вели тој, настанува кога стресот ќе стане хроничен, особено кога е поврзан со потиснати емоции. Телото тогаш останува во постојана состојба на алармираност, имунолошкиот систем се уморува, и токму тука Мате ја гледа врската со автоимуните болести, ракот и хроничните заболувања.
Според него, кортизолот и адреналинот се создадени да ни помогнат во опасни ситуации. Но, ако телото со години остане во состојба на тревога, истиот механизам почнува да работи против нас. Имунолошкиот систем се исцрпува, а организмот потешко се справува со различни заболувања. Последиците можат да бидат нарушен сон, хроничен замор, зголемен крвен притисок, покачен шеќер, инсулинска резистенција, акумулација на масно ткиво околу стомакот, ослабена имунолошка функција, рационалното размислување и самоконтролата се намалени…
Мате забележува повторувачки психолошки образец кај своите пациенти со автоимуни и дегенеративни болести. Тоа се обично луѓе кои во детството научиле дека нивната вредност зависи од грижата за другите, од избегнување конфликт, а не од изразувањето на сопствените потреби. Така телото останува во постојана хормонална будност дури и кога надворешно ситуацијата изгледа мирна. Тој го поврзува ова со концептот на “работно оптоварена” имунолошка функција.
Со други зборови, системот е толку долго активиран за одбрана што ја губи способноста да разликува сопствени клетки од закани. Што значи, стресот не е само она што ни се случува, туку и физиолошкиот одговор на телото на „опасностите“.

Во едно поново предавање, тој ја сумира идејата вака: западната медицина често ги разгледува умот и телото како одделни сегменти. Меѓутоа, нагласува Мате, емоциите, нервниот систем, хормоните и имунолошкиот систем функционираат како тесно поврзана целина и дека особено скриениот емоционален стрес може да ја наруши физиолошката рамнотежа и да создаде услови за болест.
„Да замислиме дека човек преминува улица и одеднаш забележува автомобил кој се движи со голема брзина. Во таа секунда мозокот нема време за анализа. Адреналинот и кортизолот експлодираат во крвотокот. Мускулите стануваат посилни, зениците се шират, рефлексите се забрзуваат. Човекот скока на тротоарот. Животот е спасен. Во оваа ситуација стресот не е непријател, тој е спасител. Истото важи и за спортистите пред натпревар, лекарите за време на итна операција или пожарникарите при спасувачка акција…“
Што ќе рече, умереното покачување на стресните хормони ја подобрува концентрацијата, вниманието и брзината на реакција. Медицината ова го нарекува адаптивен или акутен стрес. Таквиот стрес не само што не е штетен, туку е неопходен за нормално функционирање.
Тука започнува важната порака на познатиот психотерапевт. Според него, човечкото тело е создадено да преживее краткотрајна опасност, но современиот човек ретко се соочува со лав или пожар. Наместо тоа, живее со финансиски обврски, притисок на работното место, чувство дека мора постојано да им угодува на другите, недостиг од сон…
„Телото не прави голема разлика помеѓу физичка и психолошка закана“, тврди Мате: „Ако мозокот ја доживува ситуацијата како опасна, истиот биолошки систем останува долго активиран.“
Овој лекар често повторува една мисла на ендокринологот Ханс Селје, таткото на модерната наука за стресот: „Стресот не е она што ни се случува. Тој е она што се случува во нас како одговор на она што ни се случува. Оваа дефиниција покажува дека две личности можат сосема различно да реагираат на ист настан. Едноставно кажано, за едниот јавниот настап претставува возбудлив предизвик, а за другиот истиот настан предизвикува силен страв. Значи, не е пресуден самиот настан, туку начинот на кој мозокот ја проценува ситуацијата.“
Всушност, практичната порака е дека целта не е живот без стрес, туку живот во кој стресниот одговор се активира кога е потребен, а потоа повторно се смирува. Токму способноста да се вратиме во физиолошка и психолошка рамнотежа е еден од најсилните заштитни фактори за долгорочно здравје.
Сепак, Мате не е категоричен дека стресот е единствената причина за нарушеното здравје. Тој зборува за сложена интеракција помеѓу генетиката, животната средина, траумата, животните навики, нервниот систем, имунитетот, хормоните… Ниту пак, дека болеста е секогаш психолошка или дека човек сам ја предизвикал. Туку дека симптомите можат да бидат сигнал дека организмот со години функционирал под прекумерен физиолошки товар.
Најважната негова порака впрочем, не е дека треба целосно да го избегнеме стресот. Тоа вели е невозможно: „Организмот е создаден да влезе во стрес, но исто така е создаден и да излезе од него. Кога тоа не се случува, започнува хроничната активација на системите што првично требало да нè заштитат.“
Затоа, според Мате, лекувањето не значи само лекови и медицински процедури. Туку и препознавање на сопствените граници, квалитетен сон, блиски и сигурни односи, простор за изразување на емоциите, намалување на хроничниот психолошки товар, грижа за телото преку движење, исхрана и одмор. бдн/дј




