Хеликоптер, поради дефект, денеска принуден беше да слета кај островот Зларин во Хрватска, по што две лица побарале лекарска помош, но нема потешко повредени. Причина за дефектот, најверојатно е влетување на птица во моторот на хеликоптерот, поради што пилотот Зоран Матиќ бил принуден да го спушти леталото.
Станува збор за многу искусен пилот, кој хеликоптерот со дефект го спуштил со авторотација, што е многу ризичен маневар и потребно е големо умеење на пилотот, пишуваат хрватските медиуми.
Хеликоптерот утрово бил принудно спуштен на една ледина во увалата Оштрица на островот Зларин во Јадранското Море. Според изјавите на очевидците, леталото над островот почнало да ја губи висината, по што почнал да се врти, но пилотот успеал да го контролира и да атерира на ледината.
Делови од хеликоптерот, тврдат очевидци, расфрлани се на многу места низ малото островче.
Покрај пилотот во хеликоптерот имало уште две лица, а по принудното слетување лекарска помош побарал пилотот и еден од патниците. Пилотот Матиќ е и сопственик на компанијата во чија сопственост е хеликоптерот, а станува збор за фирмата „Еудор лет“ со седиште во Водице.