Словенечката полицијата соопшти дека започнала истрага во врска со формирањето на „паравоена група“ во Марибор, предводена од Андреј Шишко, кој беше еден од кандидатите на последните претседателски избори во Словенија и освои 2,2 проценти од гласовите.
– Полицијата се уште не ме посетила, но очекувам нејзина посета. Ние не правиме ништо лошо и дури би сакале да соработуваме со полицијата, изјави Шишко.
Тој го напаѓа мултикултурализмот и вели дека земјата треба да ги прифати само оние мигранти, кои ќе ја прифатат словенечката култура.
– Партијата нема врска со воената група, вели тој.
Шишко изјави дека неговата група ќе обезбеди ред, ако е потребно, додавајќи дека таа не прави ништо нелегално, но, рече дека оружјето што го користи, не е регистрирано.
Словенечкиот претседател Борут Пахор и премиерот Миро Церар изразија загриженост поради наводното основање „паравоена група“ од Марибор и оценија дека тоа е неприфатливо.
– Претседателот на државата изрази голема загриженост поради постоењето на таа вооружена група која според нивниот лидер Андреј Шишко би обезбедувала мир и ред во државата и би ја надгледувала границата. Тоа е целосно неприфатливо, соопштија од Кабиентот на Пахор.
Техничкиот премиер Миро Царар, исто така, реагираше на случувањата и рече дека се „апсолутно неприфатливи” и дека групата од Марибор „непотребно поттикнува страв и шири омраза”.
– Словенија е безбедна држава, а полицијата и војската ја вршат својата работа многу добро, и очекувам надлежните органи веднаш ќе преземат мерки против одговорните, рече Церар.
Словенечкиот поратал 24ур објави дека словенечки ултрадесничари кои се претставуваат како „Штаерска гарда“ на социјални мрежи објавиле фотографии и снимки од собири на непозната локација најавувајќи „жешка есен“ и протести кои „Словенија ќе ја претворат во Венецуела“.
Порталот наведе дека голем број Словенци не верувале во тоа, но подоцна информацијата ја потврдил поранешниот претседателски кандидат Андреј Шишко кој за локални медиуми рекол дека тој е лидер на таа група.
Антиимигрантските чувства се зголемија во Словенија по 2015 и 2016 година, кога речиси половина милион мигранти поминаа низ земјата на пат за побогати земји од ЕУ. Бројот на барања за азил во Словенија значително се зголеми од 277 во 2015 година на 1717 година оваа година. Но, само 77 имигранти добија азил во 2018 година, во споредба со 152 во 2017 година, според податоците на Министерството за внатрешни работи.
Антиимигрантските расположенија и помогнаа на десноцентристичката Словенечка демократска партија да освои најмногу гласови на изборите во јуни, но партијата немаше коалициски партнери, за да формира влада. Малцинска влада од пет левоцентристички партии треба да биде потврдено во парламентот следната недела.