Брегзит може да биде одложен до 2021 година, според плановите кои ги разгледуваат истакнати официјални лица на ЕУ во време на растечко незадоволство од начинот на кој британската премиерка управува со преговорите, пишува Гардијан, повикувајќи се на неименувани извори од Унијата.
Велика Британија би требало да ја напушти ЕУ на 29 март, но развојот на настаните сугерира дека може да дојде до одложување од две години.
Според информациите на Гардијан, ЕУ разгледува можност за одложување ако премиерката Тереза Меј не успее да го „протурка“ договорот за Брегзит во британскиот парламент.
Неименуваните извори наведуваат и тоа дека ЕУ нема да понуди кратко продолжување за останок во ЕУ од неколку седмици, туку период од 21 месец, кој според изворите на Гардијан, има смисла бидејќи ќе се вклопи во буџетот на Унијата и ќе ги олесни работите, пренесува Индекс.
Друг извор вели дека е можно Велика Британија да добие продолжување ако тоа го сакаат лидерите на таа земја.