Демократската унија за интеграција (ДУИ) треба да проба Насер Зибери да биде премиер, тие добија пратеници заради него и ако не можат тоа да го остварат ќе треба да отстапат и ќе треба да се направат нови комбинаторики и ние како Алијанса и Алтернатива да започнеме преговори. Но, имавме разговори со Зијадин Села и заклучивме дека нема да влагаме во преговори пред ДУИ да го истроши својот легитимитет, истакна денеска лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Тој, во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“,  нагласи дека Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива на изборите излегла со една програма – држава за сите.

– Ние се спротивставивме за идејата премиер Албанец, мислејќи дека тоа е само симболика, а не содржина. И сега не можеме да ги излажеме нашите гласачи кои веруваа на овој концепт за да одбраниме некој друг концепт, посочи Гаши, објаснувајќи го ставот и повикот на Ахмети сите партии да застанат зад идејата на ДУИ.

Гаши потенцираше дека се навестувало и се очекувало оти ќе биде мала разликата на освоени пратеници и во македонскиот и во албанскиот блок.

– Но највеќе сами од себе се изненадија ДУИ. Но во трите последни денови и големиот поткуп и крадење јасно ни беше како се стаса до оваа бројка, истакна Гаши.

Тој посочи дека како и да е Државната изборна комисија и Управниот суд ги легализирале тие пратеници.

– Сега е битна една компонента – легитимитетот. Кога една партија го нема легитимитетот кај Албанците, а од друга страна настапуваше со максимата премиер Албанец, сега кога не може да го оствари го губат легитимитетот да бидат во Владата, изјави Гаши.