Лидерот на Алтернатива Африм Гаши преку Фејсбук одговори на наградното прашање од Скендер Реџепи за средбата со експремиерот Зоран Заев, вчера во Струмица.
Според Гаши, вистинското прашање не е кој, каде и зошто се среќава, туку зошто и по чиј налог го селдат службите на СДСМ и на ДУИ.
– Како лидер на Алтернатива, имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќавам, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ?, напиша Гаши.
Генералниот секретар на Алтернатива Зеќирија Ибрахими за Слободен печат ја потврди средбата помеѓу Гаши и Заев, но не откри детали. Според Ибрахими средбата секако не била за да ја урнат Владата на Ковачевски, бидејќи таа сама ќе потоне.
Претходно независниот пратеник и поранешен сопартиец на Гаши, Скендер Реџепи на Фејсбук објави фотографија од средбата помеѓу Гаши и Заев во Струмица и праша што побара Гаши од Заев.