Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска за најавата на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски дека следниот попис на населението ќе се спроведура електронски, нагласи дека битно е тој да биде спроведен на најдобар и кредибилен начин.

-Мислам дека тоа е прашање на надлежните институции што ги спомнавте одговорни за да го спроведуваат тоа. Ако тие се чувствуваат подготвени, одлично е. Ние немаме нешто против да биде што полесно. Битно е пописот да биде спроведен на најдобар и кредибилен начин, да веруваат граѓаните дека информациите се кредибилни. Начинот како ќе се извршува, ако е најлесен тој дигитален начин или најкредибилен, тогаш одлично, се согласувам и јас. Нема никаков проблем – рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

Во однос на тоа дека во следниот попис ќе биде опфатено само резидентното население, претседателот на Собранието порача дека треба што помалку политизирање на таквите процеси.

-Пописот е статистичка постапка која се спроведува според ЕВРОСТАТ, тоа се меѓународните критериуми, треба да ги следиме. Што помалку политизирање на таквите процеси, тоа подобро. За жал, склони сме да политизираме се и си правиме штета сами на себе. Ако ги гледаме објективно работите зошто ни требаат тие постапки, би имале друг пристап. Јас сум склон на деполитизирање на процесите – потенцира Гаши.

Министерот Стефан Андоновски на 3 април  изјави дека целта е следниот попис на населението да биде електронски. Директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков на заедничката прес-конференција со Андоновски, тогаш нагласи дека следниот попис на населението е планирано на глобално ниво да се спроведе во 2030 година и посочи дека целта е следниот попис на населението да биде спроведен електронски, односно со користење административни извори.

-Јасно е, тоа беше наведено и во програмата на Владата и во програмата на партијата, дека во 2026 година треба да се работи на тоа, но ги знаеме правилата на Евростат дека тоа се случува на 10 години, што значи дека ние во овој период мораме да работиме на сите регистри, на интероперабилноста на податоците, за да бидеме подготвени да го направиме тоа. Имаме време од денес до рокот кога треба да се спроведе тој попис, да ги тестираме фазите, секако под водство на Државниот завод за статистика, и сме сигурни дека во моментот кога ќе дојде пописот, ќе им веруваме и на резултатите и на методологијата врз основа на која тој ќе биде направен – изјави Андоновски.

Во однос на резидентното и нерезидентното население, Станков вели дека е позната појава дека населението што стекнува резидентен статус во странство не го одјавува својот резидентен статус во државата и тоа е една од главните слабости, но тие слабости ги надминуваат, вели, со статистички методи. – Затоа велам дека не можеме единствено да се потпираме на еден административен регистар. Затоа ние, во рамките на статистичкиот регистар на население, користиме повеќе регистри и статистичка методологија, која овозможува точно детектирање на резидентноста на населението и елиминирање на овие поединечни слабости – изјави Станков.