На прашањето дали има договор за промена на Уставот, новиот спикер на Собранието Африм Гаши одговори дека тоа е сензитивно прашање, особено за Македонците.
Како што рече во интервјуто за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Македонците биле понегативно настроени кон т.н. француски предлог, а ВМРО-ДПМНЕ добила голем број гласови на изборите токму поради резервираноста по ова прашање.
-Сепак, сега сме во друга фаза – сакаме сите да одиме напред.
Најголем број граѓани и политички партии, освен една, сите сме за интеграција на земјата во ЕУ, и тоа побргу, барем така се изјаснуваат декларативно.
Треба да разговараме за тоа што ВМРО го стави во програмата. Ќе има и нови моменти по изборите во Бугарија и изборите во Европскиот парламент.
Треба во мозаикот да се имаат сите елементи зашто цело е кога има сè, за да може ова горливо прашање да го решиме, истакна Гаши.
Нагласи дека стои на ставот прашањето да биде решено што побргу, но нагласи „не на сметка на рушење и на незачувување на култутрниот и јазичниот идентитет на Македонците“.
-Не можеме да ги ризикуваме меѓуетничките односи за друг проблем, така ништо не сме направиле.
Треба да работиме на поголема кохезија на сите заедници, особено на првите две по големина – македонската и албанската.
Ако имаме разбирање за нашиот културен и јазичен идентитет, само по себе ќе даде енергија во процесот на побрза интеграција на земјата во Европската Унија, рече Гаши.