На денешен ден е роден истакнатиот македонски оперски тенор и пејач на македонски родољубиви и револуционерни песни Симеон Гугуловски, кој беше активен во периодот на осамостојувањето на Република Македонија, кога со неговиот глас и химната на Македонија ги подигаше патриотските чувства на Македонците на повеќе собири.

Неговиот син Гоце Гугуловски во една своја објава, од која пренесуваме дел подолу во текстов, запишал дека биле блиски и како пријатели и по патила, со истакнатиот македонски актер Ристо Шишков.

Гугуловски е роден на 1 јуни 1941 година во Солун, во Егејска Македонија, во галичко печалбарско семејство, кое потоа од Солун се преселило во Скопје. Завршил средно музичко училиште во Скопје, а образованието го продолжил во Словенија, каде магистрирал. Од 1973 до 1977 година бил солист во Љубљанската опера, а во 1978 година се вратил во Скопје и до крајот на својот краток живот работел во Операта при МНТ.

Гугуловски исполнил преку 20 главни и многу споредни улоги во својата кариера од светското и домашното оперско творештво. Покрај настапите на сцените низ тогашна СФР Југославија, гостуваал и во повеќе други земји како Бугарија, Чешка, Италија, Германија, Полска, Словачка и др.

Хроничарите и критичарите за Гугуловски

Како исклучителна личност, воодушевувачки вокал, кој ,,земјата ја тресе“ како што зборуваат неговите  современици, беше тенерот  Симеон Гулгулоски.  Трениран глас, со познавање на музика, со чувсто и со особена интерпретација и сценски настап.  Глас кој беше омилен меѓу сите генерации, глас кој не остава никого рамнодушен.

Гугулоски потекнува од галичко печалбарско семејство, роден во Солун а живел во Софија, Скопје, Љубљана, Белград и по некоја игра на судбината прерано умира во Софија на 13 август 1995 година.

Без разлика каде живееше, забележано е за Гугуловски, тој секогаш наоѓаше време да го посети и да престојвуа во Галичник, кој го сметаше како родно место, тука му беа корените на неговите родители, на неговите предци.

Во книгата Музика 50 години со Вас, композиторот Љубомир Бранѓолица за Гугулоски, меѓу другото ќе запише: „Покрај повеќето други тешки ролји настапувал во: Инкертон од „Мадам Бетерфлајд“, Радамес од „Аида“, Дон Хозе од „Кармен“ тој донесе цела низа ролји од оперите на наши автори, што е за пофалба (Василиј  Втори од „Цар Самоил“ на Кирил Македонски, Дамјан од „Бразда“ на Благоја Трајков, „Кузман Капидан“ на Трајко Прокопиев, Митре Поморјанче од „Болен Дојчин“ на Ристо Аврамовски, Никола Карев од „Илинден“ на Кирил Македонски.

Овој фактографски дел говори за неговиот прилог во развојот на оперската музика од македонски автори.

Неговото главно професионално подрачје е класична, најмногу оперска музика, а како првенец во две матични куќи Словенско народно гледалишче во Љубљана и Македонскиот народен театар во Скопје. Во овие две оперски куќи исполнил бројни улоги, а гостувал и на сцената на други оперски куќи.

Време во кое беше дури и ризично да се биде патриот

Освен на оперската сцена Симеон Гугулоски настапува во изведба на вокално синфониски дела и вокални дела на германски, словенечки, хрватски, руски и италијански композитори. Гугуловски е потписник на многу забавни композиции кој сам ги исполнува на неколку фестивали на забавната музика на просторите на некогашната СФРЈ, како Скопскиот, Опатискиот, Загребскиот, Белградскиот и други.

Накратко тоа е приказната за професионалниот музички живот на Симеон Гугулвски, а за неговите активности како родољуб е забележано ова сеќавање:

„Собир на ВМРО во Куманово, во почетокот на 1992 година. Тоа беше време во кое беше тешко, дури и ризично, да се биде патриот. Излегоа патриотите со македонските знамиња со сонцето со шестнаесет краци и со лавовите. Некои од нив со црвени беретки на главите. Беше тоа во центарот, на плоштадот. Ечеше македонска патриотска музика испеана од Симеон Гугулоски. Празник на душата. Еден момент како да започна земјата да татни…“

Моќниот глас на Симеон Гугулоски будеше силни патриотски емоции кога ги пееше: Бојот започна горе Крушево (за Питу Гули); Болен ми лежи Миле Поп Јорданов; Народе македонски; Оган го гори Брезово; Стар бел дедо; Земјо македонска и многу други.

И за крај еден скратен запис за Симеон Гугуловски од неговиот син Гоце Гугуловски објавен на социјалните мрежи:

Блиски пријатели со слични патила со Ристо Шишков

„Со потекло од скромно и чесно галичко домаќинство кое ги продава своите овци и имоти во Галичник и се населува во Солун за да започнат бизнис со ресторан и хотел, но како и повеќето Егејци од тој период им се случува конфискација на целокупниот имот и протерување од Егејска Македонија. Првично заминале кај роднини во Софија во Бугарија, а од таму кај свои роднини и пријатели во Скопје за да го продолжат својот живот и покрај големите семејни загуби. Симеон Гугуловски како најмало дете од фамилијата се изборил за шанса да замине на студии и работа во Љубљана во Словенија“, пишува синот на Симеон, Гоце Гугуловски.

 

Тој открива дека Симеон Гугуловски бил близок пријател со истакнатиот македонски актер Ристо Шишков, со кого делат слична судбина, по враќањето на Гугуловски од Љубљанската во Македонската опера.

„…Заради тој негов тврд, па можеби и тврдоглав патриотизам, неговата кариера како оперски пеач и првенец на Македонската опера остана на едно исто ниво, без можност за поголемо напредување. Слично како и на неговиот личен пријател Ристо Шишков и многу други како нив, на кои им беа приредувани интриги од страна на љубоморни колеги или партиски послушници, стои во записот на Гоце Гугуловски.

Во подолгиот запис за својот татко забележува:

„Во време кога се што било македонско било потиснувано и репресирано, во време кога УДБА и КОС владееја со територијата на цела СФРЈ, па и Македонија, кога татковци на мои пријатели биле затворани во притвор само за изречени зборови кои се коселе со тогашната политика на Југославија и СКЈ, токму тогаш Симеон Гугуловски решава да го склопи својот Албум со народни македонски патриотски песни, со кои ќе остави свој печат во времето и историјата“.

Тој записот за својот татко го завршува со позната македонска песна: Народе македонски, доста беше, разбуди се не спиј ти!

Видеото во кое Гугуловски ја исполнува оваа песна може да го отврите ТУКА.

(Подготви: Д.Г.)