ГАЗЕТА ЕКСПРЕС: Косовско Самоопределување на Курти, по Албанија се разгранува и во Македонија

/ 17.08.2020

Неколку поддржувачи на Алијансата за Албанците (АА) ќе ја реализираат идејата на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти за проширување на тој политички субјект и во Македонија, тврди приштинскиот портал „Газета експрес“.

Според порталот, лицето кое ќе ги започне активностите за формирање на ВВ во Македонија е професорот и политички аналитичар Арсим Синани, а меѓу иницијаторите се споменува и Беким Ќоку, некогашен пратеник на Демократската партија на Албанците (ДПА), а сега член на АА на Зијадин Сеља.

ВВ има свој огранок во Албанија, а најавата дека ќе се шири и во Македонија, на собирот на 12 јуни во центарот на косовскиот главен град по повод 21-годишнината од ослободувањето на земјата и 15-годишнината од основањето на партијата, ја објави нејзиниот лидер Курти.

Доскорешниот косовски премиер пред неколку илјади поддржувачи, порача дека „ВВ ги освои срцата на сите Албанци“ и дека „Самоопределување ќе има и во Албанија, во С. Македонија, во дијаспората и насекаде“.

Во првичните реакции на таа најава, Демократската унија за интеграција порача дека „политичката сцена во земјава е отворена, но гласот на Албанците и онака е доста расцепкан и нивното доаѓање ќе го расцепка уште повеќе“.

Од Движењето Беса изјавија дека немаат информации за таква иницијатива, но оти е „сечие легитимно и демократско право да се натпреварува на избори“. Партијата на Села, која самиот Курти лично ја поддржа на последните парламентарни избори во земјава повикувајќи ги Албанците да гласаат за неа, тогаш ширењето на ВВ го оцени како „добра вест“ и му посака добредојде во Македонија.


Од истата категорија